3 стилски начини да носите висока пунџа со јазол
Пунџите се одлична опција за топлите летни денови, а познатата неуредна пунџа свиткана на врвот на главата е апсолутен хит. Дефинитивно е лесна за правење и изгледа опуштено, но време е да не се вадиме повеќе на мрзата и да ѝ се посветиме малку на високата пунџа за да ѝ дадеме шик и елегантен изглед. Стилистката од Њујорк Дејна Тизо ни дава 3 предлози.
Елегантна извртена пунџа
Клучот за елегантниот свилен изглед на оваа фризура е во средствата за нега на косата. Аплицирајте од она кое го користите, но не ставајте нешто што има премногу зацврстувачки ефект, бидејќи не сакате да постигнете крцкав и крут изглед, туку само да ги скротите влакната.
Исчешлајте ја косата со рамна четка и нанесете серум за екстра сјај. Наведнете ја главата надолу и со помош на четката соберете ја косата во високо опавче, прицврстувајќи ја со дебел стегач.
Земете на еден прст восок за коса, распоредете го на прстите и потоа нанесете го на косата за да ја измазните и да ги залепите разлетаните бебешки влакна околу лицето. Земете го опавчето и извиткајте го сè до долу. На крајот заврзете го со мало, но цврсто ластиче.
Направете јазол држејќи го средниот дел од завртеното опавче со едната рака блиску до главата, а со другата фатете го опавчето за крајот и замотајте го одоколу.
Држејќи го крајот од опавчето, протнете ја косата низ отворот кој го формира другиот дел и заврзете го во јазол. Не влечете ги краевите сосема до долу, нека останат скриени во самиот јазол.
Доколку имате густа коса, употребете најмалку 3 шноли за прицврстување, една долу и по една на двете страни, притоа фаќајќи ги врвовите од завртениот дел заедно со основата на јазолот.
Ако пак имате потенка коса, можете и да ги прескокнете шнолите. Земете ги врвовите и протнете ги под основата на јазолот во дебелиот стегач. Како и да одлучите, гледајте само јазолот да не биде лабав.
Едноставно, елегантно и софистицирано, нели?
Плетена кула
Овој изглед е одличен бидејќи ги комбинира плетенките, кои се омилени за многумина, особено во летниот период, и високо подигнатата коса во пунџа. Згора на сè, наспроти сложениот изглед, многу е лесна да се направи.
Наведнете ја главата надолу и измазнете ја косата чешлајќи ја кон круната. Нанесете серум од средината на косата кон врвовите.
Потоа врзете опавче високо горе и дигнете ја главата.
Поделете го опавчето на два еднакви дела.
Исплетете го секој дел во обична дебела плетенка со три прамени сè до долу. Не стегајте ја премногу бидејќи така ќе делува потенко, но нека не биде ни премногу лабава, не треба да паѓаат праменчиња од неа. Ако имате пократка или потенка коса, подобро направете само една плетенка.
Со едната рака држете ја основата на опавчето, а со другата порамнете ги двете плетенки држејќи ги една над друга. Замотајте ги плетенките околу опавчето обликувајќи ги со раката. Пикнете ги врвовите под плетенките, прицврстувајќи ги со една или повеќе шноли.
Не стремете се да добиете совршен изглед бидејќи така ќе изгледате здрвено и пластично. Несовршениот, по малку неуреден изглед е секси.
Шик пунџа со марама
Овој тип фризура е погоден за девојките со непослушна коса, бидејќи косата со повеќе волумен, ќе го направи јазолот поголем, а колку поголем тоа подобро.
Нанесете продукт за косата кој ќе ви овозможи полесно да ја стилизирате. Потоа исчешлајте ја косата со прстите, фаќајќи ја одзади во неуредно опавче под круната. Вака нема да дозволите косата да изгледа премногу мазно, а ќе ја задржи својата природна текстура.
Ставете дебел стегач, но при последното вртење не ги извлекувајте врвовите докрај. Оставете 8-10 сантиметри ако косата ви е подолга или 2-5 ако ви е пократка.
Земете ги лабавите врвови и замотајте ги околу основата на пунџата скоривајќи ги во неа.
Прицврстете го јазолот со шнола фаќајќи ги основата на пунџата и врвовите кои ги протнавте. Откако ќе ја прицврстите, можете да ја прилагодите формата на пунџата така што ќе извлечете неколку влакна со четка или со чепкалка за да добие поопуштен изглед.
Ставете ја марамата замотувајќи ја одзади околу главата и врзувајќи ја во јазол или во машничка напред, малку над делот каде што започнува косата.
Додатоците за коса се супер опција за пунџите, но треба да се внимава во изборот. Не избирајте висечки додатоци за да не изгледате како орнамент. Земете парче дезениран материјал или тенка марама и замотајте го како венче. Исто така, внимавајте како ги комбинирате марамите на глава со облеката што ја носете. Таа не мора сосема да одговара, но не смее ни премногу да е во конфликт со вашиот аутфит.