12 начини да ги избегнете лошите врски

12 начини да ги избегнете лошите врски

За оние коишто се веќе подготвени за посериозна врска или едноставно им здодеало од неуспешни состаноци и кратки афери, постојат неколку начини како да си заштедат на време, а богами и на љубовни болки. Отворените врски одговараат на животниот стил на младите денес, но постојаното вложување во различни личности кои за кратко време ги снемува од нашиот живот, може да биде заморно, па дури и демотивирачки. Од друга страна пак, стоење на страна и чекање „вистинска“ можност за да ѝ пријдеме на личноста која што ни се допаѓа може да нѐ чини нешто драгоцено. Обидете се со некои од следните „правила“ кога размислувате дали да се впуштите во нова романса и со каква личност, па можеби ќе оставите повеќе простор да ја запознаете вистинската.

12 начини како да ги избегнете лошите врски

1. Доколку ви се допаѓа некоја личност, бидете искрени за вашите чувства

Всушност, отвореноста во овој случај уште на почеток може да ве спаси од здодевните игри и постојаното преиспитување дали чувствата ви се возвратени. Плус, во зависност од тоа како ќе изреагира другата страна, можете лесно да процените дали воопшто вреди да вложувате или не. Ако побегне при првиот сигнал, не ви е ни потребна таква личност во животот.

2. Одете на состаноци

Состаноци од типот на холивудските романтики – вечера, филмче, кафе… сѐ по ред. И не, за состанок не се смета случајна средба во диско и неколку страсни бакнежи во темно ќоше. Разговарајте, дознајте најмногу што можете за него/неа и сигурно полесно ќе ви биде да процените дали сакате да се видите повторно.

3. Неуспешните врски не се изговор

Сите сме имале „утки“ и неколку неуспешни обиди, но не значи дека пропаднатите врски треба да ги користиме како изговор за нефер однесување кон новите партнери. Тоа нема да ве заштити од скршено срце, само ќе пропуштите драгоцени моменти или уште пострашно, квалитетна врска.

4. Не ги менувајте приоритетите

Секако дека љубовта понекогаш бара компромис и прилагодливост, но доколку сакате посветена врска, а другата личност не е подготвена да престане да се гледа со други, не си дозволувајте да вложувате во некој кој воопшто не е сигурен дали сака да биде со вас.

5. Престанете да се грижите за тоа што мислат другите

Секој има различна перцепција за тоа како треба да изгледа една идеална врска, сите мислат дека се експерти по ова прашање, но на крајот никој не знае подобро од нас самите што е она што ни е потребно.

6. Не ги користете луѓето

Не постои доволно добра причина за да ги третирате луѓето околу вас како предмети.

7. Дознајте што е можно повеќе за него/неа

Ова лесно можете да го направите следејќи го второто правило од листава. Бидете вистински заинтересирани за она што другата личност има да ви го каже, дознајте што е можно повеќе и искористете го како адут за изненадување на вториот состанок.

8. Почит

Има една добра поговорка „Однесувај се спрема другите, онака како што сакаш да се однесуваат кон тебе“. Ова важи и во семејни, љубовни и пријателски врски. Важи во секој аспект од животот.

9. Не си играјте со туѓите чувства

Нема ништо полошо од чувството дека некој е со тебе поради себични причини. Влечењето за нос одговара на девојчиња од четврто одделение, а не на зрели личности. Бидете искрени и отворено кажете зошто не сакате повеќе да сте во врска, сигурно ќе ја поштедите другата личност од болка и понижување.

10. Почекајте со интимните моменти

Важно правило од многу аспекти. Дајте си време да се запознаете пред да преминете на следното ниво.

11. Преминете преку очекувањата

Сликата која ја имаме за одредени личности, особено ако долго време чекаме да ги запознаеме, често е многу различна од реалноста. Бидете подготвени на изненадувања и нешта кои не сте ги претпоставиле, дури и на карактеристики на личноста кои можеби потешко ќе ги прифатите, но во никој случај не ја обвинувајте другата страна зашто не се поклопува со вашата ментална слика.

12. Забавувајте се

Млади, вљубени и со отворени срца. Сѐ додека сте свои, си го живеете животот и ги оставате другите да живеат, не можете да погрешите.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар