10 навики кои ги имаат луѓето со анксиозност, а не се свесни за нив
Анксиозноста е состојба за која многу се зборува во последните неколку години. За жал, сѐ повеќе луѓе се чувствуваат анксиозно, нешто што им го отежнува секојдневието. Но, иако свесноста е на поголемо ниво, луѓето сѐ уште не ги препознаваат симптомите на анксиозност кои се преточуваат во нивните секојдневни навики.
Па, како да ги препознаете скриените симптоми на анксиозност? Прочитајте во продолжение за навиките кои ги имаат луѓето со оваа состојба.
1. Избегнуваат ситуации поради страв од паничен напад и засрамување
Оние кои патат од анксиозност знаат колку ненадејно се случуваат паничните напади и колку тие можат да бидат непријатно искуство. Во такви моменти потребно да останете смирени и да применувате техники за правилно дишење.
Луѓето кои страдаат од анксиозност потешко се справуваат со стресните ситуации во животот, а најчесто и ги избегнуваат поради стравот дека токму тогаш ќе доживеат паничен напад и ќе се засрамат пред членовите на семејството, колегите или соучениците.
2. Избегнуваат окружувања со многу луѓе
Гужвата е голем тригер за анксиозност кај многумина. Гласната музика, луѓето, светлата… сето тоа може да биде премногу за некој кој лесно се вознемирува. Затоа, најчесто, оние кои се анксиозни одбираат да се возат во полупразни автобуси или ги преферираат поинтимните културни настани и концерти
3. Со себе носат книга или некој друг предмет кој може да им го одвлече вниманието
Анксиозните луѓе обично се и интровертни по природа, па најчесто слободното време го поминуваат дома, читајќи добра книга.
Кога веќе мора да се најдат меѓу луѓе, со себе сакаат да имаат нешто што ќе им го одвлече вниманието доколку се почувствуваат вознемирено. Обично тоа е книгата која ја читаат моментално или телефонот каде може да се приклучат на интернет и да проверат што има ново во областа која ги интересира.
4. Почнуваат случајни разговори
За да го одвлечат вниманието од себе, анксиозните луѓе почнуваат случајни разговори на небитни теми. Па затоа, нека не ве чуди ако од нигде никаде ви дадат комплимент или доколку започнат разговор за временската прогноза. Оваа навика ги спасува во ситуациите кога тишината им создава анксиозност.
5. Дисоцијација
Дисоцијацијата е еден од најстрашните аспекти на анксиозноста, бидејќи не можете да претпоставите кога ќе се случи. Таа може да се случи во сред разговор, на работа, во толпа со луѓе, додека чекате ред во маркет или кога сте сами.
Дисоцијацијата се случува како резултат на борбата на мозокот да се справи со стресот. Кога премногу размислувате и кога се соочувате со премногу нешта наеднаш, мозокот има тенденција за момент да се исклучи. Затоа тогаш се јавува чувството дека сѐ е нереално во околината. Но, не грижете се, ова непријатно чувство не трае вечно.
6. Делуваат незаинтересирано и грубо
Анксиозноста дава лажна слика за личностите кои страдаат од неа. Најчесто тие оставаат впечаток дека се незаинтересирани за разговор, а кога разговараат делуваат грубо. Ова е така бидејќи анксиозноста ја отежнува комуникацијата со луѓето, а избегнувањето разговор е вид одбранбен механизам на анксиозните луѓе.
Доколку имате пријател кој малку зборува и ви дава кратки одговори на вашите прашања, голема е веројатноста дека сака да се дружи со вас, но страда од анксиозност.
7. Не можат да се сконцентрираат
Кога се чувствуваат вознемирено, ним им е многу тешко да се сконцентрираат на нештата и поради тоа побавно ги завршуваат работните обврски. Во тие моменти оставаат впечаток дека мисловно не се присутни бидејќи им е потребно повеќе време за да ги испроцесираат информациите кои ги читаат и слушаат.
За жал, ова негативно им влијае на сите животни полиња, а најмногу на професионалниот живот.
8. Не ги држи место
Играњето со косата, грицкањето на ноктите, неможноста да се седи на исто место подолго време… сѐ ова може да биде знак на анксиозност. Овие навики се несвесен одговор на ситуациите во кои анксиозните луѓе се чувствуваат вознемирено.
9. Избегнуваат контакт со очите
Како што веќе спомнавме, анксиозните луѓе имаат проблем со фокусот кога се чувствуваат вознемирени. Исто така, не им доаѓа природно да започнат разговор со луѓе кои не ги познаваат доволно. Затоа им е потребно повеќе време за да се опуштат пред да можат директно да ве гледаат во очи додека разговараат со вас.
10. Имаат негативни мисли
„Но, што ако не испадне сѐ како што треба?“
„Тоа е точно, но…“
„Се плашам дека нема да успеам.“
Луѓето кои страдаат од анксиозност имаат проблем со негативниот начин на размислување. Но, не е нивна вина, ова е само една лоша навика која може да се искорени со многу работа на себе.
Кои се скриените начини на кои анксиозноста го разболува нашето тело?