10 комбинации со тесни фармерки и бела маичка за секоја пригода
Има денови кога сакате и можете да вложите време и енергија во својот изглед, но има денови кога едноставно сакате да облечете фармерки и маичка. Тесните фармерки и белата маичка може да бидат основа на секаков изглед, и токму затоа секоја девојка треба да ги има во својот гардеробер. Ова се 10 комбинации со бела маичка и тесни фармерки за секоја пригода.
1. Класично и женствено
Изберете класична комбинација со која никогаш нема грешка, кремав есенски капут и балетанки со леопрадски дезен како и чанта во темна и смела боја како вино црвена, сето тоа во комбинација со основата, фармерки и бела маичка. За да го зачините овој изглед може да одберете и златно синџирче како алка, и елегантна фризура со марама за коса за малку шмек од 50-тите.
2. Спортски и слободно
Оваа комбинација е слободна и доста практична, совршена за поопуштени пригоди, но сепак малку тренди. Маичката и фармерките искомбинирајте ги со спортски патики за трчање, еднобоен ранец и тренди еднобојно капче со монисти. Може да го надополните изгледот со спортски часовник и тенка едноставна јакна.
3. За кул девојките
Доколку сте љубители на кежуал и удобен изглед, оваа комбинација е вистинската за вас. Совршена е за на училиште или за некои поопуштени настани, а омилена на спортските девојки. Над белата маичка облечете удобна карирана кошула, одберете чизми со врвци над глужд и завршете со кул плетено капче. Може да додадете парче едноставен накит по избор.
4. Гламурозна девојка
Кој вели дека едноставното не е гламурозно. Сè е во деталите и аксесоарите, па обрнете им повеќе внимание. За да искомбинирате тесни фармерки и маичка за вечерен изглед, најпрво оберете впечатливи потпетици кои го влечат вниманието кон себе. Важно е да имате едно парче голем и впечатлив накит. Завршете го изгледот со слатка вечерна плик чанта.
5. Кул со старки
Тесни фармерки и бела маичка со фармерско палто и високи старки се секогаш добитна, а едноставна комбинација. За да го завршите изгледот ставете го омиленото парче накит, како и очила за сонце.
6. Земјени тонови
Едноставна комбинација која шири топлина. Клучен елемент во овој изглед е марамата со топли тонови и интересен принт во ацтеки или племенски стил. Продолжете со еднобојна мала чантичка за преку рамо во индијански стил и сандали на висока плута. Може да додадете и парче накит и фармерско палто.
7. Слатка и женствена комбинација
Ако сте слатка девојка која обожава пастелни бои, тогаш фармерките и белата маичка искомбинирајте ги со розов џемпер и слатки ниски балетанки со панделка. Секако, едноставни обетки од бисери се задолжителни, а може да додадете и марама за коса и да ја врзете како панделка.
8. Смело
Смела комбинација за бестрашните девојки кои не се плашат да бидат свои. Искомбинирајте ги фармерките и маичката со кожна јакна и високи црни потпетици до глужд. Може да додадете и парче впечатлив накит и плик чанта, обична или за преку рамо.
9. Комбинација со оксфордки
Практичен есенски изглед, инспириран од машкиот гардеробер. Одберете пар ниски оксфордки и црн капут и завршете го изгледот со голем и впечатлив часовник. По желба може да додадете и марама или шал.
10. Елегантно и женствено
Класичен и едноставен изглед за женствените и смели девојки. Одберете кожни високи чизми, кои се удобни и добро изгледаат во секоја комбинација. Продолжете со црно елегантно сако и мала црна чантичка за преку рамо. Совршено би го завршиле изгледот со фризура во пунџа и кратка марама за околу врат.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.