10 карактеристики на добрите соговорници

10 карактеристики на добрите соговорници

Без разлика дали станува збор за вашата кариера или склопување пријателства, умешноста да се води добар и издржан разговор е многу важна на секое поле во животот. Ова се дел од карактеристиките на добрите соговорници кои ќе ви помогнат да остварувате поефективна комуникација во иднина, а со тоа да бидете поуспешни.

10 карактеристики на добрите соговорници

1. Умеат вистински да слушаат

„Имаме две уши и една уста и треба да ги користиме пропорционално.“ – Сузан Каин

Оние кои се добри соговорници не учествуваат во комуникација во која само едниот зборува а другиот слуша, која е поентата на таквиот разговор? Способноста да се ислуша внимателно соговорникот е умешност што не секој ја поседува. Со внимателното апсорбирање на туѓите зборови имате поголема способност соодветно да вратите на она што другиот ви го кажал, а со тоа да бидете подобри соговорници.

Не почнувајте да зборувате додека вашиот соговорник сè уште се изјаснува бидејќи ќе изгубите фокус на кажаното и ќе создадете впечаток на себична личност која само сака да го искаже сопственото мислење. Луѓето кои се умешни во комуникацијата со други луѓе точно знаат кога е време да зборуваат а кога да слушаат.

2. Ја препознаваат ситуацијата во која се наоѓаат

Луѓето се различни и не можете секому да му се обраќате исто. Исто како што не можете да остварувате еден тип комуникација во секоја ситуација. Постојат личности на различни функции, како и ситуации кои од вас бараат да бидете поформални или неформални. Прво и основно, мора да ја препознаете и да ја оцените ситуацијата во која се наоѓате. Без многу притисок, само проценете го нивото на формалност кое би требало да го постигнете. Дали треба да го персирате вашиот соговорник или не? Каков тип шеги се дозволени? Дали треба да бидете посмирени или да покажете возбуда? Никогаш не занемарувајте ја проценката на ситуацијата во која се наоѓате, макар тоа и да биде краток разговор со продавачот во маалската продавница.

3. Сочувствуваат со соговорникот

Го разбираат или барем се обидуваат да го разберат соговорникот. Ако сакате да бидете умешни во остварувањето комуникација со луѓето мора да научите да ги почитувате оние кои се различни од вас. Луѓето можат многу лесно да го насетат вашиот презир или вашата надменост. Без разлика со кого разговарате, нека биде и мало дете, покажете почит и сочувство. Покажете дека разбирате како се чувствува и дека го сфаќате она што сака да ви го каже. Не движете го разговорот во насока само да го кажете вашето мислење туку вистински да пробате да бидете во нечија кожа макар на една минута.

4. Го поедноставуваат комплицираното

Замислете како наставникот по физика на седмоодделенци им ја објаснува лекцијата со речник соодветен за некој семинар. Како би се чувствувале доколку сте еден од учениците? Луѓето кои употребуваат комплициран јазик се многу очигледни во нивната намера – пробуваат да звучат паметно. Но, вистински паметните ќе ги поедностават работите правејќи ги пригодни за сечии уши. Не значи дека го потценувате соговорникот, едноставно се држите подалеку од комплицираното, а со тоа и од можноста да бидете погрешно разбрани.

5. Присутни се за време на разговорот

Лесно се забележува кога вашиот соговорник лута со мислите и само физички е присутен, и тоа е навредливо. Доколку сте одлучиле некому да му посветите дел од вашето време тогаш целосно бидете присутни. Покажете дека сте отворени за разговор и инволвирајте се во разговорот. Не лутајте со мислите, не шарајте со очите и внимавајте на сите невербални знаци кои покажуваат дека ви е здодевно или дека не слушате внимателно.

10 карактеристики на добрите соговорници

6. Имаат самодоверба

Добриот комуникатор знае што зборува и го кажува она што го мисли гласно и јасно. Тенка е линијата меѓу самодовербата и самобендисаноста, но самодовербата е клучна за остварување добра комуникација. Доколку сакате да бидете чуени, разбрани и сфатени сериозно од страна на вашите соговорници, мора да зрачите со самодоверба. Стојте исправени, чувствувајте се удобно во сопствената кожа и бидете сигурни во она што го зборувате.

7. Јасно ја излагаат својата поента

Во ред е да почнете со кежуал разговор за да го разбиете мразот, но не пропуштајте да стигнете до сржта. Бидете директни, дури и ако ви е непријатно. Доколку вртите околу цело време, нема да го постигнете саканиот резултат, а постои голема шанса да бидете погрешно разбрани. Отворено кажете што мислите, што барате, какви предлози имате.

8. Ги елиминираат нештата кои им ја одземаат концентрацијата

Добриот соговорник не погледнува во часовникот постојано, ниту го чепка телефонот а уште помалку се фокусира на луѓето од соседната маса. Во некои пригоди дури е најдобро да го исклучите телефонот.

9. Поставуваат прашања

Прашања се поставуваат од две причини: да покажете дека го слушате соговорникот и воедно сте заинтересирани за темата на разговор и за да добиете повеќе информации. Прашајте доколку имате некакви нејаснотии околу темата или пак доколку сакате да развиете дискусија.

10. Препознаваат невербални знаци

Обрнете внимание на невербалните знаци на вашите соговорници. Со помош на јазикот на телото може да препознаете нервоза, несигурност, недоверба, здодевност и сл., а со тоа да го прилагодите разговорот на вашата „публика“ за сите да се чувствуваат подобро.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар