Зошто вашата мачка постојано ве следи?

Зошто вашата мачка постојано ве следи?

Оние кои чуваат мачки, сигурно барем еднаш се имаат запрашано зошто нивната мачка постојано ги следи. Кога одите во кујната, мачка оди по вас. Во овој случај можеби причината е што во кујната има храна. Но кога одите во тоалет, мачката повторно оди по вас. Излегувате од просторијата поради која било причина, мачката станува и тргнува по вас. Ова е можеби најголемата „мачкина“ мистерија, но има неколку објаснувања и за ова однесување.

Зошто вашата мачка постојано ве следи?

1. Вродено однесување

Според експертите за однесување на животните, навиката на мачките да ги следат нивните сопственици е генетска особина, иако многумина веруваат дека мачките се индивидуални и не се премногу приврзани за сопствениците. Малите мачиња добиваат драгоцен информации од нивните мајки за околината, однесувањето и ловењето. Тие ги учат овие работи токму кога ја следат нивната мајка. Покрај тоа, знаат дека освен храна, од мајката ќе добијат и внимание и нежност – нешто што го добиваат и од сопствениците. Па, вашата мачка оди по вас и следи што правите најверојатно за храна, нежност или играње.

2. Љубопитност

Голем број мачки, без разлика дали улични или домашни, се навистина љубопитни и сакаат да знаат што правите. Од друга страна, постојат и голем број мачки кои едноставно уживаат во друштвото на нивните сопственици, па поради тоа и ги следат.

Меѓутоа, понекогаш ова однесување може да биде знак и за сепарациона анксиозност, односно страв од одделување од сопственикот. Доколку забележите дека на мачката ѝ е навистина тешко кога ќе се одделите од неа, а по вашето враќање забележувате дека уништила нешто, најдобро е да побарате совет од ветеринар кој ќе ѝ помогне на мачката да ја надмине анксиозноста.

3. Знак за приврзаност

Многу сопственици го сметаат следењето на нивните мачки како знак за приврзаност и љубов, а според експертите ова е точно. Навистина е голем комплимент вашата мачка да ве смета за омилена личност. Тоа значи дека мачката одбрала да биде во ваша близина и дека е заинтересирана за она што го правите. Покрај тоа, можеби сте ѝ недостасувале додека сте биле надвор од дома, па сака да надокнади за изгубеното време и ве следи.

Како да реагирате?

Бидејќи на некој начин мачката ви дала комплимент, би било убаво да ѝ обрнете внимание. Според експертите, секоја мачка бара различно внимание. Доколку вашата мачка сака да си игра, тогаш најдобар начин да ѝ се заблагодарите е тој. Од друга страна ако имате мачка што сака да се гали, погалете ја. Ако пак имате мачка која само сака да биде до вас, дозволете ѝ да го прави тоа. Говорот на телото на мачките е најдобар начин да оцените што му е потребно на вашето милениче.

Улични мачки

Веројатно ви се случило да ве следи и некоја улична мачка. Веројатно сметате дека не ве познава и дека не би требало да бара внимание од вас. Кога уличната мачка ќе почне да оди по вас, тоа е знак за пријателско однесување, односно знак дека мачката не е дива и дека ѝ годи присуството на луѓе. Можеби пак станува збор и за мачката на некој сосед која веќе е навикната да се движи помеѓу луѓе. Најверојатно од вас бара да ја погалите, или можеби да ѝ дадете храна

Доколку мачката ве следи и мјаука, но изгледа опуштено, слободно погалете ја. Се разбира, потребно е да не ја исплашите и да бидете нежни. Исто така доколку некоја улична мачка упорно ве следи, можеби станува збор за домашна, која избегала или се изгубила. Доколку забележите ремче, најдобро е да ја однесете на ветеринар кој ќе провери дали има чип и ќе го најде сопственикот. Можете да се обидете да го најдете сопственикот и на социјалните мрежи.

Дознајте што значат и останатите „чудни“ однесувања на вашата мачка.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар