Зошто треба да имате растение во вашата канцеларија?
Внесувањето на природата во вашата канцеларија е еден од најдобрите начини да го намалите вашиот стрес, да го подобрите вашето расположение и ефикасноста во работата, да го подигнете нивото на енергија и да ја зголемите отпорноста на болести.
Тоа не значи дека треба да бидете опкружени со џунгла. Доволни се три растенија високи по 20 см, се тврди во истражувањето кое го направило тимот на професорката Маргарет Бурчет од Технолошкиот факултет во Сиднеј.
Во оваа студија е откриено дека собното растение може да го снижи нивото на токсини во воздухот за дури 20%, а друго истражување открива дека тоа може да го намали уморот, кашлицата, воспалението на грлото и симптомите на настинка за повеќе од 30%, како и честото отсуствување од работа за 60%.
Воедно, воздухот во затворените простории е за 5-10 пати позагаден од оној надвор. Кај луѓето кои во најголем дел од денот престојуваат во затворена просторија, можат да се јават здравствени проблеми како што се кашлица, тешкотии со дишењето, астма и други тегоби во респираторниот систем, како и проблеми со крвните садови.
Некои научници тврдат дека за прочистување на воздухот и одржување на оптималното ниво на влага во просторијата, не се заслужни само билките, туку и микроорганизмите кои живеат во нивните корења, во хумусот и земјата во која се засадени.
Се чини дека главната предност на собните растенија можеби и не се состои во нивното снабдување на просторот со кислород, туку во отстранувањето на јаглеродниот диоксид. Бројни истражувања докажале дека ефикасноста на работното место опаѓа кога расте нивото на јаглерод диоксид (а тоа често се случува во затворените простории во кои работат повеќе луѓе).
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.