Животната сторија на Твиги, првиот истакнат модел

Животната сторија на Твиги, првиот истакнат модел

Твиги, нежното девојче со момчешка фризура, е синоним за модата во 60-тите. Некои луѓе ја обожаваат, но некои ја обвинуваат за појавата на анорексија кај младите девојки.

Иако е најпозната по својот специфичен изглед, таа кратко останала во модниот свет. Наскоро започнала да се занимава со пеење и глума, нешто што ѝ донело многу награди, меѓу кои и два Златни глобуси.

Па, како е да се живее како Твиги?

Сѐ започнало со една фризура

Сѐ започнало кога еден нејзин пријател ја однел 16-годишната Лесли Хорнби (вистинското име на Твиги) кај познатиот стилист Леонард, кој во тој момент барал модел на кој сакал да испроба нова фризура.

„Нејзината коса беше долга и несредена кога Џастин ја донесе кај мене. Долго разговаравме за тоа која промена да ја направиме“, се сеќава стилистот.

Тој ѝ ја офарбал косата и ѝ ја скратил во момчешки стил. Откако завршиле, Леонард ја закачил нејзината фотографија во својот салон, а Лесли се вратила во училиште.

Во меѓувреме, модниот уредник на „Daily Express“ го посетил салонот на Леонард, ја забележал закачената фотографија и посакал да стапи во контакт со девојката. За кратко, Лесли била повикана на интервју. Три недели подоцна се нашла на страниците на списанието, каде синооката русокоса била наречена „Лицето на 1966“.

Твиги ги красела насловните страници на „Vogue“ и „Tatler“ по само една година од започнувањето на нејзината кариера. Фотографите велеле дека камерата едноставно ја обожава, па затоа и станала дел од портфолијата на бројни легендарни фотографи како Ричард Аведон, Хелмут Њутон и Сесил Битон.

Исто така, таа била првиот модел кој добил своја восочна фигура во Мадам Тисо, а станала и првото светски познато име во светот на модата.

Моделот кој не сакал високи потпетици и кратки здолништа

Инстант популарноста и желбата на познатите модни списанија да соработуваат со неа ѝ биле чудни на Твиги. Нејзината мајка била работничка во фабрика, а нејзиниот татко бил столар во „Marks & Spencer“. Младата Твиги не би можела ни да замисли дека еден ден ќе соработува со „Marks & Spencer“ и дека токму нејзината ексклузивна колекција ќе ја спаси компанијата во еден тежок период.

Твиги не ги сакала кратките фустани и здолништа, иако баш од нив направила популарен тренд. Таа ги ценела удобноста, слободата, скромната женственост и ниските потпетици. Ја започнала својата модна колекција за млади наречена „Twiggy Dresses“ во 1966 година, а парчињата ѝ биле со впечатливи бои и со разни дезени.

Како девојката со специфичен изглед стана најпознатиот модел во 60-тите?

Уметничкото име Твиги доаѓа од нејзината тежина, која во тој момент изнесувала само 40 килограми. Облеката на неа стоела како на закачалка, па морале да ѝ ја прилагодуваат со иглички, за да ѝ стои припиена на телото.

Таа мислела дека светот полудел бидејќи ја сметале за убава. Според Твиги, сѐ што вредело на неа биле долгите и слаби нозе и убавите трепки. За да го истакне својот изглед, Твиги секогаш носела три пара лажни трепки. Оваа процедура на шминкање траела дури три часа, но правела таа да изгледа уникатно.

Твиги отсекогаш сакала да биде модел, но сите ѝ велеле дека тоа е невозможно бидејќи таа била ниска (163 см) и телото ѝ било малечко (нејзините пропорции биле 81-56-81). Повеќето од моделите во 50-тите биле високи и со облини, а модата во тоа време била привилегија на елитата.

Во 60-тите, жените станале поеманципирани, почнувале да заработуваат свои пари и имале можност да одлучуваат како ќе ги потрошат. На младите луѓе им било здодевно во продавниците каде што облека купувале нивните мајки и многу посакувале една нова, поинаква мода. Во списанијата, девојките сакале да гледаат модели кои личат на нив, но со интересен стил. Твиги била природна и невообичаена, па совршено се вклопила во оваа улога.

Денес ја запознав новата модна икона“, рекол фотогарафот кој ѝ ги направил првите професионални фотографии.

Кога 17-годишната Твиги престојувала во САД, еден таксист ја препознал и ѝ рекол „Еј, ти си онаа малечка, смешна Твиги од Англија?“, на што добил потврден одговор, па продолжил „Добро, имаш убаво лице, но не си Мерилин Монро.“

Токму овој „комплимент“ ја инспирирал да размислува за една нова кариера како актерка и пејачка.

Повлекувањето од светот на модата и почетокот на актерската кариера

Твиги и Робин Вилијамс во комедијата Club Paradise, 1986

Откако поминала четири години во модната индустрија, Твиги решила да тргне по друг пат. Таа едноставно не сакала да биде „закачалка за алишта“ до крајот на животот.

Твиги успеала да добие дури два Златни глобуси за улогата во филмот The Boy Friend, без да посетува часови по актерска игра. Пред да почне снимањето, компанијата „MGM“ ѝ поставила услов дека мора да научи да глуми, да пее и да игра за само шест недели, во спротивно филмот немало да биде снимен. Секако, Твиги успеала.

Можеби улогата во мјузикл како The Boy Friend и не е толку сериозна задача, но улогите за кои се потребни добра глума и долги дијалози обично одат кај професионални актери. Кога Твиги ја добила улогата на Елиза Дулитл во телевизиската верзија на Пигмалион, многумина биле скептични дека таа ќе се снајде.

Нејзината филмографија содржи улоги во повеќе жанрови – трилер, хорор и комедија. Исто така, во многу филмови и телевизиски серии ја имала главната улога. Ова е доказ дека таа одлично се снашла во секоја улога која ја добила.

Приватниот живот на Твиги

Твиги со нејзиниот сопруг, ќерката Карли и синот Џејсон

За разлика од професионалниот, нејзиниот приватен живот бил доста комплициран. Според неа, момчето со коешто се гледала 7 години, а своевремено ѝ било и менаџер, ја искористило својата позиција и си купило скапи автомобили и облека со нејзините пари.

Нејзиниот прв сопруг, Мајкл Витни, имал зависност од алкохол, проблем за којшто Твиги не била свесна на почетокот. По шест години брак, Мајкл починал од срцев удар. Тие имаат една ќерка заедно.

Во 1984 година, таа го запознала Ли Лосон во ресторан и за кратко почнале врска. Но, Твиги во овој период од животот не сакала да се брза, па стапиле во брак дури после четири години. Тие се заедно веќе 30 години.

Најважната работата на светот за Твиги е семејството. Таа секогаш со многу љубов зборува за своите внучиња, за блискоста со својата ќерка и за страста кон готвењето. Ли на шала вели дека добил внуци, но ја изгубил својата сопруга бидејќи таа е постојано со нив. Меѓу овој сладок пар љубовта сѐ уште постои, а своите петочни вечери тие ги поминуваат гледајќи филмови.

Животот не завршува кога ќе наполните 60 години

Принцот Чарлс оваа година ѝ ја додели титулата „дама“

Твиги неодамна ја објави својата модна колекција за „Marks & Spencer“, потенцирајќи дека годините не се важни. По маркетинг кампањата, продажбата се одвивала одлично, па маркетерите дури смислиле нов термин – „Ефектот на Твиги“, бидејќи секој проект во којшто учествува таа е успешен.

На почетокот од нејзината кариера, многумина мислеле дека таа во светот на модата ќе опстои кратко. Но, нејзината популарност никогаш не исчезна, дури ни по половина век од нејзината прва насловна страница. Оваа година ѝ беше доделена престижната титула „дама“ од страна на принцот Чарлс.

Кијану Ривс е уште една позната личност со фасцинантна животна приказна, а ова се петте лекции коишто можеме да ги научиме од него.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Книжевничка која би живеела во приказна на Харуки Мураками, во режија на Вес Андерсон, со саундтрак на The Smiths.

Поврзани содржини

Остави коментар