Време е за креативност: Направете сами кроп-топ за 30 минути
Популарното парче облека наречено кроп-топ е нешто што секоја од нас мора да го има во својот гардеробер за оваа сезона. Меѓутоа, не е потребно сè што ќе посакаме, тоа и да го купиме. Сигурно дома имате некоја стара блуза која сега ви е кратка или пак не сакате повеќе да ја носите, а ние имаме идеја што да направите со неа. Затоа, дознајте како сами, по сопствена желба и вкус да го направите ова атрактивно дневно парче облека за помалку од 30 минути.
Потребни материјали:
- Стара маица, блуза
- Ножички
- Лепило за ткаенина,
- Креда, сапун или молив за платно
- Пегла за алишта
1. Земете топ кој веќе го имате и чиј облик ви се допаѓа и ставете го како шаблон врз блузата од која сакате да направите нов. Нацртајте ги внимателно сите рабови со креда (должина, ракави, јака) и исечете внимателно од надворешната страна на линијата. Доколку немате топ кој ви служи како модел, тогаш нацртајте самите облик кој ќе одговара на вашето тело и вкус.
2. Свртете ја блузата наопаку и превртете ги рабовите кои ќе бидат пораб.
3. Испеглајте ги добро завртените рабови.
4 Залепете ги рабовите на блузата со мала количина лепило и завртете ја блузата на вистинската страна.
Вашиот кроп-топ е готов и можете да го комбинирате во најразлични комбинации: Со шорцеви, пантолони, здолништа со висок струк… Изборот е ваш!