Словенечкиот филозоф Славој Жижек вели: Ако сме сите среќни зошто сегде владее тегобност и депресија?

Словенечкиот филозоф Славој Жижек вели: Ако сме сите среќни зошто сегде владее тегобност и депресија?

Познатиот филозоф од Словенија, Славој Жижек неодамна објави текст во кој објаснува како трендот на здравата исхрана е поврзан со консумеризмот, а пред сè со одредената идеологија што ја „купуваме“ заедно со таквиот животен стил.

Еве што вели тој во текстот…

„За време на една моја неодамнешната посета на Калифорнија, вечерав во куќата на еден професор, заедно со еден мој словенечки пријател, страстен пушач. Доцна вечерта, мојот пријател стана очаен и учтиво ги замоли домаќините да запали цигара на терасата.

Кога домаќинот, не помалку љубезно, рече ‘не’, мојот пријател рече дека ќе излезе на улицата. Домаќинот го одби и тоа. Рече дека пушењето во јавност може да му наштети на неговиот статус во соседството. Но, она што навистина ме изненади беше тоа дека по вечерата домаќинот ни понуди (не баш) лесна дрога. Пушењето не беше никаков проблем сега, како дрогата да не е поопасна од цигарите.

Сè може, но…

Овој чуден настан е сведоштво за безнадежноста на денешниот консумеризам… Од една страна е потрошувачот кој калкулира со задоволството, добро заштитен од сите форми на злоупотреба и закани по здравјето, а од друга страна, зависникот од дрога или самодеструктивниот пушач.

Уживањето се толерира, дури и се поттикнува, под услов да е здраво и да не ја загрозува нашата психолошка или биолошка стабилност: чоколадо, да, но без маснотии.

Кока пијалак, да, но диетален; кафе, да, но без кофеин; лименка пиво, да, но без алкохол; мајонез, да, но без холестерол; секс да, но безбеден…

Што се случува овде? Во последнава деценија, отприлика, настана ‘културниот капитализам’. Купуваме производ, да речеме, органско јаболко бидејќи е слика за здрав начин на живот. Она што ние всушност го купуваме кога купуваме ‘органска храна’ е одредено културно искуство, искуство на ‘здрав, еколошки начин на живот’.

Истото важи и за секое прикажување на ‘реалноста’. Во реклама што се емитуваше пред десет години ширум САД, група на обични луѓе беа прикажани како уживаат во скара и танцуваат на кантри музика.

Придружниот текст беше: ‘Говедско месо. Вистинска храна за вистинските луѓе’. Иронијата е во тоа што месото, понудено како симбол на одреден животен стил (на ‘вистинската’ работничка класа во Америка), е повеќе хемиски и генетски манипулирано од органската храна што ја консумира „вештачката“ елита.

Купуваме сè помалку и помалку производи (работи) што сакаме да ги имаме, и сè повеќе животни искуства како сексот, јадењето, комуникацијата, културата, начинот на живот. Ние ја купуваме нашата форма на телото во теретаните, купуваме духовно просветлување со запишување на трансцендентални курсеви за медитација и ја купуваме нашата јавна личност со одење во ресторани во кои одат луѓето со кои сакаме да се поврземе.

И антипотрошувачката екологија е случај на купување автентично искуство.

Има нешто лажно смирувачко во нашата подготвеност да прифатиме вина за заканите по околината – сакаме да бидеме виновни, затоа што ако сме виновни, тогаш сè зависи од нас. Ние ги повлекуваме конците на катастрофата за да можеме да се спасиме живеејќи поинаку.

Она што е навистина тешко да се прифати (барем за западњаците) е дека ни е дадена улогата на пасивен набљудувач кој може само да седи и да гледа каква ќе биде неговата судбина. За да се избегне оваа ситуација, ние имаме тенденција лудачки опсесивно да посакуваме да бидеме вклучени во разни активности, да рециклираме стара хартија, да купуваме органска храна, што и да е, само за да бидеме сигурни дека правиме нешто, да дадеме свој придонес – како кога љубител на фудбалот навива за неговиот тим пред телевизорот, викајќи и скокајќи како да тоа, некако ќе влијае на исходот од натпреварот.

Зарем не купуваме органска храна од истата причина? Кој навистина верува дека полускапаните и скапи органски јаболка се навистина поздрави? Работата е во тоа што со нивно купување, не само што го консумираме производот, туку и го покажуваме нашето загрижено лице и глобалната свест и учествуваме во големиот колективен проект. Ние не купуваме производи заради нивната погодност или затоа што се статусни симболи. Ние ги купуваме за да го добиеме искуството што ни го нудат, ги трошиме за да ги направиме нашите животи попријатни и значајни.

Експлозија на тегобност

Неодамнешната реклама за хотелите ‘Хилтон’ содржи едноставна парола: ‘Патувањето не е само доаѓање од точката А до точката Б. Тоа треба да нè направи и подобри луѓе’.

Можевте ли да замислите ваква реклама пред десет години? Последниот научен израз на овој нов дух е појавата на нова дисциплина, т.н. студија за среќата. Како е тогаш можно, во нашата ера на духовен хедонизам, кога целта на животот е јасно дефинирана како среќа, да експлодираат тегобноста и депресијата?“

Прочитајте ги и овие инспиративни цитати кои ќе ви помогнат да ја надминете токсичната врска.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Смислата на животот ја бара преку уметноста и креативноста. Пишувањето е нејзино секојдневие.

Поврзани содржини

Остави коментар