Што сакаат да слушаат бебињата додека се во стомакот на мајката?
Истражувачите од Институтот Маркез во Барселона се обиделе да откријат каква музика сакаат бебињата додека се во стомакот на мајката. Научниците истражувале која музика ги прави бебињата најсреќни, а во истражувањето учествувале 300 бебиња во 18-та до 38-ма недела од бременоста.
За да ја одредат реакцијата, истражувачите ги набљудувале движењата на устата и јазикот на бебињата. Во овој период од бременоста, движењата на јазикот и устата се ретки и се позитивен знак за стимулација.
На бебињата им биле пуштани 15 песни вклучувајќи рок, класична музика, традиционална светска музика и поп.
Тимот открил дека бебињата имаат потрадиционален вкус за музика од возрасните. Односно, повеќе сакале класична музика отколку поп. Бебињата биле постимулирани од „Ода на радоста“ на Бетовен отколку од хитовите на Шакира или Адел.
Музиката којашто најмалку им се допаднала на бебињата биле поп песните. „Waka Waka“ од Шакира и „Too Much Heaven“ од Bee Gees се нашле на дното на листата. И „Someone Like You“ од Адел немала подобри резултати.
Бебињата реагирале повеќе на „Bohemian Rhapsody“ од Queen и „YMCA“ од Village People.
На бебињата исто така им бил пуштан и човечки говор, како и снимки од Мики Маус. Тие реагирале повеќе на Мики Маус отколку на човечкиот глас, но не повеќе одошто на песните.
„Музиката е вид древна комуникација помеѓу луѓето. Комуникацијата преку звуци, гестикулации и танцови му претходи на говорот“, изјавила директорката на институтот Мариса Лопез Теихон.
„Првиот јазик бил повеќе музикален отколку вербален, и сè уште е. Уште инстинктивно им зборуваме на бебињата со повисок тон бидејќи знаеме дека подобро го перципираат. На овој начин тие разбираат дека сакаме да комуницираме со нив.“
Музиката која предизвикала најмногу позитивни реакции биле делата на Моцарт, а веднаш по него делата на Бах. Но, пред да му пуштите Моцарт на вашето неродено дете, важно е да знаете дека веројатно тоа нема да слушне ништо. Музиката во истражувањето била пуштана преку посебно дизајнирани вагинални звучници.
„Фетусите речиси и да не ги слушаат надворешните звуци“, додала Мариса.
Слушнете ги и овие приспивни песнички што веднаш ќе го заспијат вашето бебе.