Што е потребно за среќен и долг живот?

Што е потребно за среќен и долг живот?

Среќата може да биде тема за научно истражување како и секоја друга. На крајот на краиштата, станува збор за состојба на битието што повеќето луѓе се обидуваат да ја постигнат. Со ова се согласуваат и научниците од Харвард, поради што почнале да истражуваат за среќата уште од 1938 година. Тоа е најдолгото истражување од ваков вид досега спроведено кое сè уште трае.

Што е потребно за среќен и долг живот?

Она што започнало како истражување на 268 студенти од Харвард за време на Големата депресија набргу потоа ги опфатило и нивните сопружници, нивните деца, како и стотици жители на Бостон, а бројот на учесници денес надминува неколку илјадници (еден од првите учесници во истражувањето бил и претседателот на САД, Џон Кенеди).

Истражувањето зема предвид повеќе фактори почнувајќи од здравствената состојба на учесниците, нивните успеси и неуспеси во кариерата, бракот, пријателствата, а целта е да се истражи улогата што ја игра радоста во постигнувањето на долговечноста.

Иако добрите гени играат голема улога во одредувањето на долгорочното здравје, тие не се најважниот фактор. Според истражувањето, грижата за односите со другите е исто толку важна како и грижата за вашето тело.

Блиските врски помагаат да се одложи менталното и физичкото стареење и придонесуваат многу повеќе за среќа отколку парите, славата, социјалната класа, интелигенцијата и генетиката.

Емпатијата и приврзаноста се клучни за здравото стареење. Осаменоста може да има подеднакво силно негативно влијание врз здравјето како пушењето или алкохолизмот. Заедницата, во нејзините различни форми, е одлучувачки фактор за среќата – а потрагата по среќа, според научниците, е важен чин на грижа за себе.

Затоа, за сопствената благосостојба и здравје, обидете се да излезете од вашата удобна зона и да се поврзете со различни групи. Најдобро е да започнете со интересите што веќе ги имате. На пример, ако сакате пешачење, придружете се на групи кои организираат активности на отворено.

Обидете се барем двапати месечно да учествувате на друштвени собири кои не се поврзани со вашата работа и задолжително комуницирајте со луѓе кои не ги познавате. Тоа ќе ви даде можност да воспоставите нови врски и пријателства.

Откако прочитавте за ова истражување, можеби ќе сакате да прочитате и за првиот музеј на среќата во светот.

Извор: sensa.mondo.rs


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Вљубеничка во книжевноста, музеите и патувањата. Исто како и Борхес, рајот си го замислува како огромна библиотека.

Поврзани содржини

Остави коментар