Приказната за Мртво Море
Автор: Марија Смокварска
Солениот, спржен свет под нивото на морето е местото на случувањето на библиската приказна за жената на Лот и кралот Давид.На најниска точка во светот се наоѓа мирна, сина водна површина од која излегуваат солени столбови. На некои места солени грутки пловат на површината на морето како скршени санти мраз. Тој речиси безживотен предел е Мртвото Море, местото каде се одиграла библиската приказна за жената на Лот. Откако непослушно се свртела и погледнала кон грешните градови Содома и Гомора, додека исчезнувале во оган и сулфур, таа била претворена во столб од сол. Некои археолози, сметаат дека во јужните делови на Мртвото Море се наоѓаат двата потонати града.Ова солено езеро е послано на 416 м под нивото на морето, на крајот на долината на реката Јордан, во северниот дел на големиот расед. На некои места длабочината на Мртвото Море е 400 м, што значи дека тоа се наоѓа на 0.8 км под нивото на морето. Опкружено со голи јудејски ридови од западната страна и висорамнината на библиските градови Моаб и Едон на исток, Мртвото Море се протега по долината и има должина од 80 км. Полуостровот Ел Лисан (што значи „јазик”) го дели морето на два дела: северниот е поголем и подлабок, а во јужниот се сконцентрирани солените столбови. Тие дебели наслојки почнале да се формираат пред повеќе од 2 милиони години. Водата од реката Јордан брзо испарува на температури што во лето изнесуваат и до 50 степени Целзиусови и зад себе остава слој од глина, песок, камена сол и гипс. Кога не би имало испарување, нивото на морето секоја година би растело за 3 м. Поради огромната количина на сол во водата што е за шест пати позаситена од водата во океаните, овде има малобројни знаци на живот. Преживуваат само некои едноклеточни организми. Постојаното испарување предизвикува задржување на густа магла. Арапските доселеници во средниот век верувале дека птиците не летаат преку Мртвото Море бидејќи маглата е отровна. Но, има еден вид птица (Onychognatus tristamii), чии јата носат живот во оваа област и се хранат со инсектите кои живеат на брегот. Покрај тоа што содржи многу сол, Мртвото Море има и други минерали како калциум, магнезиум и бром, кои се природен лек за болести како артритис, проблеми со дишните патишта, кожни болести, а се верува и дека неговата вода ја подмладува кожата, па затоа се прават бројни козметички препарати.Ако се земе предвид дека станува збор за мало и безживотно море, ќе се изненадиме од неговата улога во минатото. На неговите западни брегови се наоѓа планината Масада, која била прибежиште на јудејскиот крал Ирод Велики. Тој ја надградил оваа тврдина која пред него ја подигнал Јонатан Макабеец. Аџиите, денес, со мака се качуваат по кривулестата патека на овој планински рид за да им изразат почит на еврејските востаници.Ако некогаш се најдете во Израел или Јордан, застанете, земете воздух, помислете на целото бурно минато кое се случувало тука. Потрошете неколку часа да се искапете во Мртвото Море, па може и да прочитате некој весник додека пловите по неговата површина, држени од солта и секако дека ќе се чувствувате подмладени. Ќе си заминете со волшебни спомени.
posoleno e pravilno ne poslano
Даниел,
послано е употребено во конотација на лоцирано, местото каде лежи морето. Со посолено не ни има смисла реченицата 🙂