Препреките се можност за успех: Кратка приказна со долга, но мудра порака
Многу одамна живеел еден многу мудар и праведен цар. Еден ден тој решил да ги испита своите следбеници, па поставил еден голем камен на средината од патот. Откако го сторил тоа, тој се сокрил во близината на местото и набљудувал кој од неговите следбеници ќе го тргне каменот.
Некои од најбогатите трговци и членови од другите кралски фамилии поминувале по патот, а каменот само го заобиколувале. Многу од нив дури и го обвинувале кралот за лошото одржување на патиштата, но ниту еден од нив не пробал да го помести каменот од таму. После долго време наишол еден селанец кој носел тешка кошница полна со зеленчук.
Откако се приближил до каменот, тој го спуштил товарот од своите рамена и пробал да го помести каменот од патот. Со многу труд и маки, најпосле успеал во тоа. Откако завршил, го качил товарот на своите рамена и тамам да тргне по својот пат, случајно забележал торба оставена на местото каде што бил каменот. Кога ја отворил торбата останал вчудовиден од тоа што го видел.
Таа била полна со златници и драгоцени камења, а на врвот од истата стоело писмо од кралот во кое пишувало дека торбата од сега е во сопственост на оној што го тргнал каменот од патот. Селанецот го дознал она што многумина од нас никогаш нема да го разберат. Препреките на нашиот животен пат, често можат да бидат можности за напредок.