Преку интернет изберете до кого ќе седите во авионот
Автор: Весна Јовановска
Патувањето со странец до вас полека заминува во минатото. Холандскиот авиопревозник „КЛМ“ подготвува невообичаена услуга за неговите патници. Од наредната година, преку Фејсбук и Линкдин ќе им овозможи да бираат кој да седи до нив за време на летот.Услугата е наречена „meet and seat“ и води до профилите на патниците. Ова значи дека ако одлучите да летате со „КЛМ“ и сте корисници на овие две социјални мрежи, уште пред да го купите билетот ќе знаете кој сè ќе биде во авионот или поточно кој го резервирал седиштето, лево или десно од вашето. Ќе може да му понудите пријателство и да започнете комуникација. Ако од кои било причини личноста не ви одговара, слободно избегнете го нејзиното друштво и побарајте место до друг патник по ваша мерка. Никогаш не се знае, можеби на наредниот лет ќе се случи вашиот прв романтичен состанок во авион, секако ако успеете да се сместите далеку од досадните и „разлигавени“ деца :).Услугите преку Линкдин ќе бидат повеќе прилагодени за лицата кои патуваат деловно. Таму ќе можете да се информирате за работните ангажмани на сопатникот, a можеби и да остварите некоја бизнис комуникација.Оваа нова услуга која авиопревозникот ќе ја лансира идната година, нема да биде задолжителна. Доколку сакате, можете да останете анонимен патник. Вашите информации не мора да ги споделите на социјалните мрежи, ниту пак да се запознаете со лицето кое ќе купи билет со број на седиште веднаш до вашето.Што би избрале вие? Би сакале ли да дознаете со кого ќе се дружите за време на летот, уште пред да пристигнете на аеродромот? Но, имајте на ум и дека на овој начин, преку социјалните мрежи, избраниот патник ќе знае и каде работите, каде сте го поминале викендот или што планирате.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.