Откријте некои карактерни особини според потписот на личноста
Вашиот потпис е единствен збир од знаци кои многу говорат за вас. Истражувачи од САД утврдиле дека ракописот открива дури до 5.000 карактерни особини.
Па, ако сакате подобро да го запознаете вашиот колега или шеф, послужете се со тајните на графологијата. Во анализата се земаат предвид големината на потписот, закосеноста, начинот на кој се користат или разликуваат името и презимето, користењето на нагласувачи, големината на почетните букви, начинот на поврзување и користењето на точка.
Големина на буквите
Големината на буквите во потписот покажува колку личноста сака да биде забележана.
Ако потписот, според големината и другите детали, личи на вообичаениот ракопис, односно ако е со средна големина, личноста е олицетворение на едноставноста.
Ако потписот е малку поголем од ракописот, тогаш личноста е самоуверена, храбра, амбициозна и сака да биде забележана.
Крупниот ракопис со невообичаено големи букви, особено во средната зона, укажува на екстравертна личност кај која преовладуваат чувствата, со изразен нагонски живот и афективност. Кај поедини личности може да укажува на расипништво, но и на општа неумереност.
Од друга страна, ситниот потпис, укажува на потиштеност, отсуство на радост, потреба за повлекување заедно со незадоволство и недоверба, но и на штедливост и добра концентрација.
Потписот во однос на линијата
Ако потписот е под линијата, тоа означува песимистична личност, која има потреба да се повлекува, со ниско расположение и делување на нетипичен начин, а ако лебди над линијата се работи за оптимист.
Закосеност на буквите
Ако буквите се закосени во лево, личноста е резервирана, внимателна и насочена на иднината.
Оние со потпис кој се наведнува во десно, брзо размислуваат, но се карактеризираат со таинственост и склоност за манипулации.
Позиција на потписот на линијата
Значајно е и на која страна под текстот го оставате потписот.
Оптимистите и луѓето кои се воодушевени со сите аспекти на животот, најчесто се потпишуваат на десната страна на линијата за потпис.
Потписот на средината на линијата, во рамнина со текстот, означува личност која сака сигурност и која е неодлучна.
Потписот на левата страна во однос на линијата на текстот може да упатува на малку песимистична личност која живее во минатото.
Големина на првите букви од името и презимето
Повеќето луѓе се потпишуваат со име и презиме, но луѓето кои наместо името користат само иницијал, може да се или склони кон формалности и резервирана службена комуникација или длабоко го мразат своето име.
Оние на кои првата буква од името и презимето им е несразмерно поголема од останатите, најчесто се надуени личности кои имаат потреба да бидат уважени и почитувани.
Ако на целосно напишани име и презиме, почетната буква од името е поголема од почетната буква на презимето, тоа укажува на изразена самосвест и потреба за истакнување.
Истакнатата почетна буква на презимето, а намалена на името е знак дека таа личност не е во потполност задоволна со себе.
Потписот со печатни букви укажува на социјално неадекватни и личности со интелектуално пониска вредност.
Читкост на потписот
Освен што може да значи дека личноста нешто сокрива, неуредниот потпис може да означува малку умислена личност.
Потполно неразбирливиот потпис, не земајќи ги предвид канцелариските потписи на формуларите и документите, укажува на лукавост и склоност на измами и нечесност, додека спротивното укажува на јасен и методичен дух.
Едноставниот потпис без никакви украси и додатни линии укажува на отменост на духот, неупадливост и префинетост.
Заобленост на буквите
Аглестиот ракопис може да укажува на самодисциплина и јака волја. Тоа е еден силен, цврст и затворен карактер, кој
може да биде груб, ригиден и непомирлив.
Заоблениот ракопис укажува на флексибилност, благост, мирољубивост, способност за прилагодување, но и подложност на влијанија.
Начин на поврзување на буквите
Аркадни – поврзување со врски во горниот дел, што укажува на отменост, воздржаност, сталоженост, но и затвореност и неискреност, лицемерство и склоност за формализам.
Поврзувањето со заоблени линии во долниот дел (венечно поврзување) укажува на отвореност, попустливост, способност за прилагодување, добродушност. Овие личности се повеќе склони да даваат одошто да земаат.
Точката на буквите
И точката во потписот си има скриено значење, како онаа на буквата „ј“.
Ако е во прашање креативна, кружна точка, тоа покажува дека личноста сака да се истакне помеѓу мнозинството и сака да биде поинаква, додека ситните точки укажуваат на повлеченост и недостаток на енергија за движење на работите и мобилизирање на останатите.
Кружните крупни точки укажуваат на енергичност и самодоверба.
Искривени, неправилни и точки со нерамномерен облик зборуваат за афективна небалансираност, лутина, агресивност, а ако е поврзана со аглест ракопис – на бруталност.
Кратка точка укажува на зајадливост, а точка формирана со ротационо движење укажува на промисленост и рационалност.
Недостаток на точката укажува на површност.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.