Откриена е една од најстарите слики од Исус во Израел
Древниот град Шивта во Јужен Израел, некогаш бил дел од просперитетна група пустински градови. Шивта бил населен уште пред Римскиот период во првиот век п.н.е. па сè до Раниот исламскиот период во деветтиот век од нашата ера.
Денес урнатините од пустинскиот град Шивта го сочинуваат национален парк во пустината Негев во Израел. Ова е еден од четирите древни градови во регионот заштитени од УНЕСКО.
Во Византискиот период, по четвртиот век од нашата ера, Шивта станал важна христијанска заедница. Ова било и место за застанување на аџиите кои оделе кон манастирот Света Катерина на Синајскиот Полуостров. Во овој период во градот се наоѓале три христијански цркви направени од камен. Градот почнал да пропаѓа во деветтиот век од нашата ера, а подоцна бил напуштен. Одново бил откриен во 19-тиот век.
Урнатините на Шивта биле истражувани од европски археолози во текот на 1870-тите, а прв пат бил научно истражен во 1914-та година од двајца англиски археолози – Ц. Л. Вули и Т. Е. Лоренс.
Истражувачите веќе неколку години знаат дека на ѕидовите на јужната црква може да се најде ран цртеж од Исус. Сликата е многу оштетена и се гледа само формата на фигурите од сцената која е опишана во евангелијата.
Во 2017-та година, Ема Мајан Фанар барала засолниште од пустинското сонце, кога го здогледала лицето на Исус. Историчарката на уметност од Универзитетот Хаифа во Израел, ги проучувала крстовите и другите мотиви на камењата на древните цркви и куќи во урнатините од Шивта.
Иако било февруари, деновите во пустината сепак се со високи температури, па Ема побарала засолниште под еден од неколкуте покриви кои стојат до денес. Застанала во крштелницата во најсеверната црква од древниот град. Овде ги забележала бледите остатоци од портретот на Исус Христос и слика од неговото крштевање во реката Јордан, нацртана на таванот пред околу 1.500 години.
„Сите го опишуваат ова како да е чудо, и беше, за момент.“
Се смета дека оштетената слика е можеби најстариот приказ на Исус кој е најден досега во Израел, и една од малкуте слики од тој период што прикажуваат детали од неговото лице.
Прикажувањето на Исус со кратка коса било често низ истокот од Византиската Империја, особено во Египет и регионот кај Сирија и Палестина. Но со текот на времето оваа традиција била заменета со слики од Исус со долга коса, кои често ги сретнуваме и денес.
Исто така Исус бил прикажан како многу млад маж бидејќи неговото крштевање во Јордан симболизирало „ново раѓање“. Од истата причина, на сликата е прикажана поголема фигура на Јован Крстител.
Во нивниот извештај за сликата со крштевањето, Ема и нејзините колеги го опишале портретот на Исус како млад маж со кратка виткана коса, издолжено лице, големи очи и издолжен нос. Тие сметаат дека сликата го претставува реалниот лик на Исус, оној кој не е опишан во евангелијата.
Според Ема, археолозите кои го истражувале градот во доцните 1920-ти, кратко забележале дека имало траги од слика на таванот на крштелницата, но не запишале никакви детали. Сепак, за да се забележи сликата потребна е добра опрема.
„Ако немате добра камера и добар фотограф, ништо нема да биде видливо.“
Сега ќе се направат обиди за реставрирање на сликата користејќи модерни техники за конзервација. Бидејќи состојбата на сликата е многу лоша, потребно е да се работи навистина внимателно. Ема се надева дека сликата прикажува многу повеќе, само е сокриена од ерозијата.
Дали знаете кои се најстарите артефакти во светот?