Невообичаените навики на познатите писатели
Автор: Ема Јакимовска
Скапана храна, мастила во различни бои, совршено наострени моливи – ова се само некои од суеверијата и чудните навики на познатите писатели.
Светските писатели се познати по ваквите свои интересни обичаи за кои веруваат дека позитивно влијаат врз креативниот процес и им ја будат инспирацијата. Иако некои се близу границата на опседнатост, сепак сите се интересни и уникатни. Во продолжение ги издвојуваме оние највпечатливите.Џејмс Џојс речиси секогаш пишувал во својот познат бел костум. Поради сериозни проблеми со видот и многуте очни операции низ кои минал, бил принуден да пишува исклучиво со дречливи бои на мастило, и тоа на огромни парчиња картон.
Вирџинија Вулф пишувала со најразлични бои на пенкала: зелено, сино, виолетово. Виолетовото ѝ било омилено, наменето за пишување писма и водење на личниот дневник.
Џон Стејнбек првичните верзии од своите дела сакал да ги пишува исклучиво со молив и од таа причина секогаш на бирото имал точно 12 совршено изострени моливи.
Фридрих Шилер во фиоката од бирото чувал скапани јаболка. Како што Гете кажал во една прилика, тоа го правел намерно, поради специфичната арома која се создавала и без која тој не можел да живее и работи.
Чарлс Дикенс пишувал само со сино мастило. Не поради некакво суеверие, туку затоа што се сушело побрзо од мастилата во други бои и правело напишаното да изгледа посредено и почисто.
Џек Лондон пак, секој ден пишувал по точно 1.000 зборови. Ни повеќе, ни помалку.
Тоа се само некои од навиките на познатите писатели. Се чини дека ваквите необични примери уште еднаш потврдуваат дека креативноста и чудните навики напати одат заедно.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.