Направете сами: Практична тегличка за отстранување лак за нокти
Автор: Кристина Лазаревска
Отстранувањето на лакот од ноктите за многу жени претставува секојдневна здодевна рутина. И додека на сите ни е познат вообичаениот начин на отстранување со помош на памук и ацетон, ширум светот се промовираше нова метода – тегличка со ацетон како практичен отстранувач на лакот за нокти.
Со цел да ви ја олесниме оваа рутина, ви презентираме упатство за тоа како сами да си ја направите оваа супер практична тегличка!
Потребен материјал:
- Тегличка со капаче (од некоја крема или балзам)
- Сунѓер (се препорачува што помек)
- Ацетон
Чекор 1: Сунѓерот исечете го по должина.
Чекор 2: Откако ќе го исечете сунѓерот, двата дела што ќе ги добиете замотајте ги еден околу друг така за да создадете спирален ефект (да наликува на полжав).
Чекор 3: Така свитканиот сунѓер сместете го во тегличката.
Чекор 4: Во тегличката сипете поголема количина ацетон, потребно е сунѓерот да се натопи.
И тоа е тоа! Вашиот нов и практичен отстранувач на лак за нокти е готов. Сè што треба да направите е да го ставите прстот во средина помеѓу сунѓерот и да вртите лево-десно.
Кога ќе завршите со нејзиното употребување добро затворете ја тегличката до следното користење.