Направете сами: Најслатката саксија за цвеќиња со лик на маче
Растенијата не само што ги разубавуваат вашата соба и градината, туку и го прочистуваат воздухот. Но, зошто вашите цвеќиња да ги засадувате во некоја досадна саксија кога вие самите можете со малку труд да изработите супер слатка саксија?! За оваа саксија ќе ви бидат потребни материјали кои веќе ги имате на располагање, па затоа засукајте ги ракавите и започнете.
Потребни материјали:
- Празно шише од 2 литри (зависи колкаво е вашето цвеќе)
- Спреј во бела боја
- Перманентни маркери (црн и розов)
- Мал нож
- Цвеќе (по можност мало или кое било друго растение што сакате да го засадите)
Инструкции:
Чекор 1: Исчистете го шишето и одлепете ја налепницата
Откако внимателно ќе ја извадите налепницата од шишето, убаво исчистете го и пребришете го со сува крпа.
Чекор 2: Нацртајте ги надворешните црти на мачето вклучувајќи ги и ушите
Претпазливо нацртајте ги надворешните линии на мачето. За да знаете колку длабока треба да биде саксијата најдобро измерете го вашето цвеќе и оставете неколку сантиметри над таа длабочина. Вака ќе бидете сигурни дека цвеќето совршено ќе биде покриено.
Чекор 3: Додадете два триаголници за ушите
Кога ќе измерите колку треба да биде длабока, нацртајте два триаголници кои ќе претставуваат уши.
Чекор 4: Исечете го шишето следејќи ги претходно нацртаните линии
Со помош на ножот исечете го шишето по претходно нацртаните линии. Ве предупредуваме да бидете внимателни! Пластичните шишиња може да бидат лизгави и може да се повредите. За секој случај може да носите ракавици кои ќе ве заштитат од какви било незгоди.
Чекор 5: Подгответе се за боење
За да ги избегнете несаканите траги од спрејот, погрижете се работната маса или пак подот да го покриете со стари весници.
Чекор 6: Испрскајте ја саксијата
Протресете го шишето и испрскајте ја саксијата од сите страни. За најдобри резултати оставете ја да се исуши преку ноќ. За да нема недостатоци, повторете ја постапката сè додека не го добиете посакуваниот резултат.
Чекор 7: Нацртајте ги деталите на мачето
Кога ќе се исуши белата боја, земете го црниот маркер и нацртајте ги мустаќите, устата и очите. Земете го розовиот и нацртајте ги носот и ушите.
Чекор 8: Засадете го вашето цвеќе во новата слатка саксија со лик на маче
Внимателно засадете го вашето цвеќе. Кога ќе го завршите тоа, погрижете се да го наместите на место каде што ќе има доволно сончева светлина. Одлично завршена работа!