Најпознатите плажи од списанието „Sports Illustrated“
Секоја година во февруари излегува нов број на модното списание специјализирано за костими за капење, „Sports Illustrated Swimsuit Issue“. Фотографиите се прават на најегзотичните места ширум светот, а ова се плажите кои се нашле на насловните страници.
Шарк Беј, Австралија
Шарк Беј е прекрасна плажа која се наоѓа северно од Перт. Црвените песочни дини, тиркизната вода и делфините привлекуваат илјадници туристи годишно. Во 1985 година, „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ ја донесе Полина Поришкова во Шарк Беј, каде што младиот модел позираше за нејзината втора насловна страна.
Мауи
Мауи е вториот најголем хавајски остров познат белите песочни плажи и кристално сината вода. На Мауи можете да уживате во неповторливата глетка на изгрејсонцето преку вулканската карпа Халеакала. Овој остров беше одлично место за насловната фотографија од ланскиот број на Sports „Illustrated Swimsuit Issue“, кога позираше рускиот модел Ирина Шеик.
Домениканска Република
Домениканската Република претставува прекрасна мешавина од шпанска, африканска и локална култура, храна и историја. Таа го дели островот Хиспаниола заедно со Хаити. Прекрасните доменикански плажи може да ги видите во „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ од 1987 година, кога на насловната страна се најде популарната Ел Макферсон.
Фангнга Беј, Тајланд
Заливот Фангнга се смета за национално богатство на Тајланд, поради што тајландската влада сака Обединетите Нации да го прогласат ова место за светско културно наследство. Во далечната 1988 година, Ел Макферсон се појави уште еднаш на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“, овој пат позирајќи на карпестото крајбрежје во близина на Пукет.
Сејшелите
Романтичните Сејшели сместени во Индискиот Океан претставуваат одлично луксузно засолниште за љубителите на нуркањето и риболовот. Овие острови имаат тропска температура во текот на целата година, а во 1979 година песочните плажи на Сејшелите се најдоа на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ заедно со моделот Кристи Бринкли.
Ланзароте, Шпанија
Во 1992 година Шпанија беше во центарот на вниманието на светската јавност, не само заради Олимписките игри кои се одржаа таа година во Барселона, туку и заради вулканскиот остров Ланзароте, познат по плажите Плаја Бланка и Пуерто дел Кармен, кој заедно со американскиот модел Кети Ајленд се најде на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“.
Јамајка
Земјата на реки и потоци, како што уште се нарекува Јамајка, во 1983 година ја красеше насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“. Американскиот модел Шерил Тигс беше фотографирана под водопадите на реката Дан, во близина на гратчето Очо Риос.
Кенија
Во 1982 година, американскиот модел Керол Алт, се најде на насловната на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“, позирајќи на зајдисонце, на коралниот крајбрежје на Кенија, облечена во црвен костим за капење. И додека синооката убавица беше во преден план, во позадина се протегаше Индискиот Океан по кој пловеа белите едрилици.
Јужна Африка
Највпечатливите места во Јужна Африка, пустината Калахари, африканските резервати и полуостровот Кејп, се места кои не само што се привлечни за туристите, туку и за „Sports Illustrated Swimsuit Issue“. Во 1996 година, американската манекенка Тајра Бенкс, облечена во бикини со леопардски принт, беше фотографирана токму на овие места кои подоцна се најдоа на насловните страници.
Бахамите
Водата околу Бахамските Острови е толку бистра што можете да гледате на длабочина до 70 метри. Заради тоа, Бахамите се најпосакувана дестинација за нуркање и пливање. Во 2005 година, Бахамите беа најпосакувана дестинација и за „Sports Illustrated Swimsuit Issue“, па затоа се најдоа на насловната страна, заедно со американскиот модел Каролин Марфи.
Козумел, Мексико
Во далечната 1964 година, на насловната страна на првиот број на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ се појави германката Бабет Марч која, облечена во скромни бели бикини, позираше на островот Козумел, кој се наоѓа источно од мексиканскиот полуостров Јукатан. Тогаш Козумел беше ново и сè уште неоткриено место, а денес неговите гребени се заштитени заради ретките видови на риби кои егзистираат тука.
Бора Бора
Бора Бора е синоним за рајски остров со бели песочни плажи и кристална сина вода. Тропскиот амбиент кој е карактеристичен за Бора Бора, во 1986 година придонесе овој остров да се најде на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“, кога на бескрајните песочни плажи се најде Ел Макферсон.
Малдиви
Малдивите беа одбраната дестинација која се најде на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ во 1998 година, кога Хајди Клум беше во фокусот на насловната фотографија. Пријатните температури во текот на целата година и недопрената природа ги прават овие корални острови и денес едни од најубавите места на земјата.
Аруба
Палм Бич, Игл Бич и Бејби Бич се најжешките точки на карипскиот остров Аруба, објавени на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ во 1984 година. Полина Поришкова уште еднаш се фотографираше за ова списание, но овој пат позираше на островот Аруба кој некогаш беше холандска колонија.
Барбадос
Некогашна британска колонија, а денес веќе независна држава, островот Барбадос е идеален за оние кои ги сакаат топлото време, мирната вода и песочните плажи, од кои најпознати се плажите Браунис и Брендонс, лоцирани околу главниот град на Барбадос. Во 2003 година, чешкиот модел Петра Немцова позираше на Барбадос за насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“.
Сент Џон, Американски Девствени Острови
Две третини од островот Сент Џон отпаѓа на националниот парк, што прави овој остров да биде беспрекорен. Плажите се мирни, песочни и се протегаат долж целиот северен брег. Во 2008 година, на овој остров, американскиот модел Мариса Милер беше фотографирана за насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“.
Бермудите
Британската традиција оставила голем печат врз културата на Бермудските Острови. Попладневниот чај и голфот се само дел од многуте атракции кои ги нудат Бермудите. Дел од шармот на овие острови е и ограниченото возење кое се сведува само на велосипеди и скутери. Можеби тоа ја привлече и Даниела Пестова која се фотографираше на Бермудите за насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ од 1995 година.
Тунис
Иако северниот дел на Африка е политички доста нестабилен и небезбеден за патување, тимот на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ одлучи во 2001 година мексиканскиот модел Елза Бенитез да биде фотографирана на медитеранското крајбрежје во Тунис, за насловната страна на списанието. Тунис е посакувана туристичка дестинација заради посебната мешавина од берберска, арапска, римска и феникиска култура и заради прекрасните крајбрежни плажи.
Канкун, Мексико
Мексиканската ривиера на Маите се најде на насловната страна на „Sports Illustrated Swimsuit Issue“ во 1975 година, кога моделот Шерил Тигс повторно беше одбрана да биде во фокусот на насловната фотографија, овој пат позирајќи на плажите во Канкун. Освен заради рајските плажи, Канкун е привлечен за туристите и заради многубројните спортови на вода, рушевините од храмовите на Маите и луксузните одморалишта.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.