Места каде што некогаш владееле пиратите
Денеска можеби е чудно кога слушаме како сомалиските пирати се кријат и пустошат во малиот Аденски залив, но тоа не било отсекогаш така. Порано не постоела технологија која светот го правела мал, па пиратите лесно можеле да си најдат некое убаво место за криење и да чекаат некој брод за да го ограбат. Ова се местата каде што тие најчесто оперирале во минатото.
Протокот Малака
Протокот Малака ги раздвојува Малезија и индонезискиот остров Суматра. Тоа бил главниот пат од Пацификот кон Индискиот Океан по кој поминувале многу бродови кои често биле пресретнувани од пирати.
Бахамите
Бахамите и останатите Карипски острови биле совршено место да се пречекаат шпанските освојувачи, чии бродови секогаш биле натоварени со злато од Средна и Јужна Америка. Омиленото место на пиратите од целиот архипелаг им бил островот Насау.
Порторико
Шпанците изнесувале премногу злато од Порто Рико, што го натерало младиот морепловец Роберто Кофрези да им се спротистави со тоа што станал пират. Најчесто тероризирал во близина на родното место Кабо Рохо, каде што денес му е подигнат споменик.
Ла Марса
Ла Марса е мало крајбрежно гратче во Тунис кое редовно било посетувано од Берберските пирати. Освен таму, дивееле по целиот северноафрикански брег. Покрај ограбувањето бродови, се занимавале и со поробување луѓе кои потоа ги продавале како робови.
Мадагаскар
Најголемиот африкански остров има совршена локација за поставување пиратска заседа. Тука биле пречекувани европските трговски бродови кои пловеле кон Индија и останатите земји од Југоисточна Азија.
Сулавеси
Островот Сулавеси е дел од индонезискиот архипелаг, на границата помеѓу Тихиот и Индискиот Океан. Овде и денес оперираат некои пиратски групи, кои не добиваат големо медиумско внимание како оние од Сомалија.
Куба
Пиратите знаеле како да ги искористат мочурливите заливи околу Куба за добро да се сокријат, а редовно го ограбувале и населението по целиот остров.
Шамун
Јужнокинескиот град Шамун бил базата на најпознатата жена-пират во историјата, Чинг Ших. Таа командувала огромна флота во која служеле преку 80.000 пирати составена од мажи и жени, па дури и деца. Била посилна од кинеската морнарица, па на крајот склучиле сојуз според кој што Чинг Ших престанала да ограбува, а можела да го задржи целото богатство и да живее во изобилие без да одговара за злоделата.
Јамајка
Карипските пирати кои ги ограбувале англиските и шпанските бродови со ограбено злато најчесто се упатувале кон Порт Ројал во Јамајка каде што го продавале пленот.
Мумбаи
Островчињата во близина на Мумбаи биле базата на Канхоџи Ангре, кој за трговците од Европа бил пират, а за Индијците бил борец за ослободување од колонизаторите кои изнесувале огромни богатства од Индија. Никогаш не загубил битка.
Бретања
Корзери биле приватни бродови кои имале овластувања од француските власти да „наплаќаат баждарина“ од бродови кои пловат под знаме на некоја земја која војува со Франција. Иако не биле одметници, сепак ваквото однесување е пиратско.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.