Магичниот фестивал на снегот и мразот во кинескиот град Харбин
На 30-тиот фестивал на снегот и мразот во Харбин работеле 10.000 работници, а ледените креации се распространуваат на површина од 600.000 метри квадратни.
Вештите раце на уметниците секоја година создаваат зимска бајка во градот, а оваа година, по повод обележувањето на годишнината, особено има што да се види. Направени се снежни реплики на Емпајр стејт билдинг, Римскиот Колосеум итн.
Просечната температура во градот во овој период од годината изнесува -30 степени Целзиусови. За изградбата на скулптурите се зема мраз од околните реки, а оваа година се употребени 180.000 метри кубни мраз и 150.000 кубни метри снег.
Овој фестивал првпат се одржал во 1963, но често бил прекинуван поради разни настани како Културната револуција, и бил повторно воспоставен во 1985. Тој спаѓа во топ четирите ледени фестивали во светот.
Започнува во средината на декември, но официјалното отворање обично се случува на 5 јануари следната година. Фестивалот вклучува многу интересни случувања и активности како: снежен карневал, натпревари во снежни скулптури, светлосни шоу-забави, лизгање, санкање, хокеј на мраз, фудбал на мраз, скијање, пливање, рибарење, артистичко филмско шоу, ликовни и калиграфски изложби, танцување, пеење, свадбени церемонии и уште многу други активности.
Фестивалот секоја година го посетуваат околу 800.000 посетители, а годинава ќе биде отворен до крајот на февруари.