Колумбиска компанија прави куќи од пластичен отпад, кои чинат само 280 долари
Во главниот град на Колумбија, Богота, дневно се исфрлаат 700 тони пластичен отпад, а само 100 тони од нив се рециклираат. Ова звучи навистина застрашувачки за нашата планета, но благодарение на архитектот Оскар Мендез, овој проблем конечно започнал да се решава на подобар начин. Неговата компанија „Conceptos Plásticos“ се занимава со обработка на пластичен и гумен отпад, претворајќи го во градежен материјал за куќи за сите оние коишто имаат потреба од нов дом.
Оскар и неговите колеги Хенри Кaњон и Изабел Кристина, започнале да се занимаваат со оваа работа со цел да го намалат негативното еколошко влијание на пластиката, преку нејзина реупотреба во градежништвото. Откако ги обединиле силите заедно со Фернандо Јанос, а подоцна и со Хезус Мендес, започнала со работа оваа иновативна компанија и од ден на ден таa станува сè поуспешна.
Компанијата со својот изум има за цел да реши два проблеми во државата: прво, да се ослободи од планините од пластичен отпад во депониите и второ, да обезбедат решение за домување во градовите ширум Латинска Америка, каде што е огромен порастот на популацијата. Реално, тешко е да се каже кои од овие два проблеми носат полоши последици кон животната средина.
Според едно соопштение на непрофитната организација „TECHO“, неверојатни 80% од популацијата во Латинска Америка сега живее во градовите. Од друга страна, според извештај од 2016-та година објавен од швајцарската фондација „Светски економски форум“, во 2014 биле произведени околу 309 милиони тони пластика. Како и да е, ниеден од овие проблеми не е присутен исклучиво само во Колумбија. Како што самиот Оскар вели: „Пластиката е проблем насекаде низ светот, а на луѓето секогаш ќе им биде потребен кров над глава.“
Па, како во суштина тие го претвораат отпадот во градежен материјал? Најпрвин, тие работат со оние луѓе коишто ќе имаат придобивки за домување. Посетуваат училишта и разни општествени заедници и ги охрабруваат луѓето да колекционираат пластично ѓубре и стари гуми. Собраните продукти потоа темелно се чистат, се растопуваат и се ставаат во калапи, за да се создадат парчиња со дизајн којшто овозможува спојување на гредите, циглите и столбовите како Лего коцки.
Уште поинтересен е фактот, дека компанијата им држи и обуки на луѓето во општините самите да ги изградат овие структури, притоа им даваат сопствеништво на нивните домови и стекнуваат нови вештини. Пластичните домови на Оскар, може да се склопат за неверојатно брзо време. Така на пример, куќа од 40 м2, сочинета од две спални соби, бања, дневна соба, трпезарија и кујна, може да ја изградат 4 лица, за само 5 дена. Воедно, трошоците се многу помали во споредба со традиционалното градежништво – куќа со просечна големина како споменатата, кошта неверојатни 280 долари.
Исто како и Лего коцките, на ваквите цигли кои влегуваат една во друга, не им е потребно лепило за да бидат конструкциите цврсти и силни, па поради тоа се одлична опција за мобилни засолништа. Доколку се прашувавте, дали пластичниот микс еден ден биолошки ќе се разгради, одговорот е ДА, но дефинитивно не во наредните 100 години и повеќе. Пластичната конструкција е отпорна на пожари и земјотреси и потребно ѝ е минимално одржување.
Во 2016 година, компанијата на Оскар била дел од финалето на „The Venture“, натпревар за иновативни компании коишто прават позитивни промени во светот, којшто се одржува во Њујорк. Од 1 милион долари коишто биле одобрени за финансирање на финалистите, на „Conceptos Plásticos“ ѝ биле дадени 300.000 долари. Оваа победа, била од огромно значење за тимот, бидејќи се докажало дека нивниот проект има неверојатен потенцијал, во којшто тие отсекогаш верувале.
„Нашата надеж е да создадеме движење во коешто ќе бидат инволвирани сè повеќе и повеќе луѓе. Сакаме да создадеме и нови продукти коишто ќе имаат подобра примена од илјадниците тони пластика којашто се фрла во депониите. Наскоро, во морињата ќе има повеќе пластика отколку риби, па навистина мораме да направиме нешто големо во врска со овој проблем. Ние сакаме да продолжиме да ги мултиплицираме нашите капацитети на производство, за да направиме големо општествено, еколошко и економско влијание, овозможувајќи евтино домување за луѓето во руралните средини. Воедно, нашата мисија е да го автоматизираме процесот на производство и да го прошириме нашиот модел во земјите во Латинска Америка, каде што дефицитарноста од куќи е поголема од 40%, а пластичниот отпад претставува огромен проблем“, објаснува Оскар.
Прочитајте го и овој 21 факт за загадувањето со пластика и 10 нешта што вие можете да ги смените.