Како се однесуваат кучињата кога се во пубертет?
Вашето куче е старо седум или осум месеци и одеднаш веќе не е послушно, а згора на тоа, кога ќе го повикате, пркосно ве гледа и трча во спротивната насока? Само малку сопственици не го искусиле ова, а научниците советуваат да не се вознемирувате затоа што кучето е во пубертет.
Новото истражување ги поддржува препораките на експертите да почекате да помине тој период. Според научниците, кучињата поминуваат низ многу чувствителен период на почетокот на пубертетот што ги тера да се однесуваат исто како луѓето.
Кученцата се врзуваат со луѓето исто како децата. Но, сопствениците честопати чувствуваат дека не успеале да ги воспитаат добро кога кученцата се во адолесценција, а кај повеќето кучиња тоа се случува кога имаат околу осум месеци.
Кучињата се преплавени со хормони
Исто како тинејџерите, чии тела се преплавени со хормони и чии мозоци претрпуваат големи промени, кучињата во адолесценцијата може да престанат да ги слушаат своите сопственици, а сопствениците реагираат на тоа на различни начини. Некои ги казнуваат кучињата, некои ги игнорираат, а некои се ослободуваат од нив.
За да се утврди како пубертетот го менува однесувањето на кучето, еден научен тим го набљудувал растот на 70 женки од расите германски овчар, златен ретривер и лабрадор кои биле обучени како потенцијални кучиња водичи.
Кучињата биле оценувани според тоа колку биле приврзани или колку внимание бараат од својот сопственик, на пример со седење до сопственикот или покажувајќи чувства на силна поврзаност со одредена личност, како и знаци на вознемиреност од разделување, како што е тресењето. Ваквото однесување укажува на вознемиреност и страв.
Истражувањата покажуваат дека младите девојки кои имаат нарушени односи со своите родители порано влегуваат во пубертет. Исто како кај луѓето, кучињата што имаат лоши односи со сопствениците покажуваат отстапувања во својот репродуктивен развој.
Кучињата во адолесценција, кои биле под стрес поради одвојување од сопствениците, не ги слушале сопствениците, но слушале други луѓе, што укажува на несигурност на таа возраст исто како кај тинејџерите.
За да ја испитаат послушноста, научниците ги тестирале кучињата најпрво на возраст од пет месеци, а потоа кога имале осум месеци. На кучињата наизменично им биле давани наредби да седнат од страна на нивните сопственици и од странци.
Во фазата пред пубертетот, сите кучиња ги слушале двете лица, но кога влегле во пубертет, многупати одбивале да го послушаат својот сопственик, но биле подготвени да го послушаат странецот. Кучињата што не биле цврсто приврзани кон својот сопственик, биле дури и повеќе подготвени да ги следат заповедите на странецот, исто како што прават тинејџерите.
Пубертерот кај кучињата е минлива фаза и според едно истражување спроведено на 285 кучиња водичи, кучиња во фазите пред и по адолесценција можат полесно да се обучуваат за водичи за разлика од оние што се во пубертет.
Научниците истакнуваат дека заради нивната сличност со тинејџерите, кучињата во адолесценцијата би можеле да послужат како модели во истражувањето на човечките еквиваленти.
Прочитајте ги овие 8 работи што треба да ги знаат сите сопственици на кучиња.