Изненадувачки начини да внесете свежина во вашиот дом
Верувале или не, постојат многу едноставни начини да се ослободите од лошата миризба во воздухот и да внесете свежина во вашиот дом. Но, наместо притоа дополнително да го труете воздухот, а и себе, со сите оние попатни хемикалии кои ги има во фабрички произведените средства за освежување на воздухот, можеби е добра идеја да ги земете во предвид следниве неколку подобри, поекономични и навистина практични идеи.
Вотка
Имајќи во предвид дека етил алкохолот е една од основните состојки во фабрички произведените освежувачи на воздух, а истовремено се наоѓа и во вотката, една од логичните работи кога немате друго решение е истата да ја искористите за да се изборите со застоениот воздух и лошата миризба. Штитејќи се на тој начин и од штетните хемикалии кои можат да се најдат во освежувачите за воздух, вотката е идеално решение за брзо и ефикасно внесување на свежина во вашиот дом.
Песок за мачки
Одредени компании кои произведуваат песок за мачки можат да се пофалат со навистина добар состав на истите. А оние кои во својот состав содржат дијатомејска земја, природен минерал, се и совршено решение за вашиот проблем со лошата миризба во воздухот. Зошто? Бидејќи токму овој минерал има таква особина што го апсорбира лошиот мирис во воздухот и влагата, додека истовремено ги убива и сите паразити кои ќе дојдат во допир со него.
Кафе
Дали постои човек на светот кој не го обожава мирисот на кафе? Како еден од успешно докажаните будилници наутро, кафето може да се најде и во улога на успешен отстранувач на лошиот мирис и застоен воздух. Она што треба да го направите е да ставите повеќе зрна кафе во некој сад и потоа истиот да го поставите во просторот каде имате потреба од проветрување на воздухот.
Палма
Палмите, но оние кои се чуваат во домашни услови, се докажани прочистувачи на воздухот. Позната по тоа што го отстранува формалдехидот како штетна состојка во воздухот, палмата е растение кое во исто време ќе внесе и свежина во вашиот дом. Покрај тоа, лесна е за одржување и го разубавува просторот.
Домашни освежувачи
Како и со сите останати проблеми, сечење на истите во корен е секогаш најдоброто решение. Па така, наместо да ги прикривате миризбата и/или застоениот воздух, можеби далеку поефективно решение би било истите целосно да ги отстраните. Редовното проветрување на просториите, секојдневното бришење прашина и слично, можат да ви помогнат во отстранување на основните загадувачи на воздухот, но доколку сакате да спречите тоа да се случува и понатаму, тогаш добро ќе ви се најдат домашните течни комбинации од оцет, лимоново масло и сода бикарбона кои истовремено ќе внесат и убава миризба во вашиот дом.