Дали знаете која е светската престолнина на сауната?
На туристичката мапа на Финска покрај Хелсинки, се наоѓа и градот Тампере, мал град кој нуди многу активности, а е честопати занемарен од страна на туристите. Иако се работи за индустриски град чиј приоритет е технолошкиот развој, сепак, може да им понуди на туристите многу забава, почнувајќи од убавата природа и идеалниот терен за пешачење околу езерата кои се наоѓаат тука. Шармот на градот е надополнет со дрвените куќички, кулинарските деликатеси и сауните кои буквално се наоѓаат на секој чекор.
Прошетка во природа
Патот околу езерото Хервантајерви е долг околу 5 километри, а е опкружен со шума која се протега до бреговите на самото езеро. Езерото е идеално за риболов, а овде можете да им се воодушевувате и на разноразните видови пеперутки. Доколку имате среќа, по пат можете и да наидете на бобинки.
Рутата Тамеркоски минува низ средишниот дел на Тампере и е долга 4,3 километри. Покрај патот се поставени информативни табли за птиците, вегетацијата, инсектите, рибите и лилјаците кои можат да се пронајдат овде. Тие го илустрираат и човечкото влијание врз животната средина. Сепак, имајте предвид дека прошетките во природа не се целосно достапни во текот на зимата.
Уживање во сауна
Тампере го нарекуваат и „престолнина на сауните“, па затоа може да биде идеалниот избор за сите љубители на овој вид на релаксација. Овде се сместени и најголем дел од јавните сауни во земјата. Една од најпознатите и најстарите сауни е сауната Рајапорти, отворена во 1906 година. Доколку сакате сауна со поглед кон езерото, посетете ја сауната Рауханиеми или Каупиноја, а доколку сакате извонредна услуга, тогаш сауната Суоменсари е вистинскиот избор за вас.
Посета на катедралата во Темпере
Катедралата во Темпере е протестантска црква. Позната е по фреските насликани од страна на Хуго Симберг, еден од најпознатите фински претставници на симболизмот. Фреските се адаптација на „Ранетиот ангел“ и „Градината на смртта“, најпознатите дела на Симберг.
Посета на забавниот парк Серканиеми
Забавниот парк Серканиеми се состои од повеќе атракции кои имаат за цел да понудат забава за целото семејство. Тука се наоѓа и аквариум со околу 200 видови риби, но и планетариум кој дефинитивно морате да го посетите. Најмладите посетители пак, сигурно ќе бидат најмногу воодушевени од посетата на светот на Angry Birds кој нуди околу десет различни атракции.
Откако прочитавте за светската престолнина на сауната, можеби ќе сакате да прочитате и интересни факти за животот во Финска, кои ќе ги изненадат и најискусните туристи.
Извор: punkufer.dnevnik.hr