Чудата и мистериите зад сонот: 12 неверојатни психолошки студии
Колку убава награда носи сонот, доколку имате доволно време за спиење. Сонот има огромни ефекти врз вашето помнење, желби, самоконтрола, учење, врски… Погледнете ги наредниве неколку студии кои покажуваат дел од психолошките придобивки од сонот и неколку опасности доколку не спиете доволно.
1. Плацебо сон
Сонот знае да биде навистина чуден. Понекогаш доволно е само да веруваме дека добро сме се наспале за да се чувствуваме и работиме подобро, без разлика на тоа што нашиот сон реално бил ист како и претходно.
Драганич и Ердал направиле истражување во кое ги приклучиле испитаниците за сензори, кои им било кажано дека го мерат квалитетот на сонот. Но, она што е навистина интересно е дека сензорите не мереле ништо, а истражувачите им кажувале на случајни луѓе дека имале подобар сон од останатите. Потоа кога им било дадено да решаваат когнитивен тест, оние на кои им било кажано дека спиеле поквалитетно имале повисоки резултати на тестот. Истражувачите ова го нарекле „плацебо сон“.
2. Емоционален сон
За време на спиењето нашите сеќавања се реорганизираат и на тој начин стануваат посилни. Ова најмногу се случува во емоционалните центри на мозокот. Психолозите откриле дека мозокот ги категоризира нашите сеќавања и одлучува кои да ги задржи, а кои да ги отфрли. Експертот за сон, Елизабет А. Кенсингер објаснува:
„Сонот ги зацврстува сеќавањата. Исто така изгледа и како да прави нешто што јас мислам дека е многу поинтересно, а тоа е реорганизирање и реструктурирање на сеќавањата.“
Со споредбата на неколку студии за сонот се открило дека сите ние имаме тенденција да ги задржиме најемоционалните делови од нашата меморија.
3. Обвинувајте ја полната месечина за лошиот сон
Доколку не спиете добро, можеби тоа има некаква поврзаност со фазата на месечината. Луѓето често најмногу се жалат на лош сон околу периодот на полна месечина. И покрај тоа што научниците долго време биле скептични, една студија од 2013 година во која испитувале 33 волонтери во 2 старосни групи додека спиеле, дошла до многу интересно откритие:
„Податоците покажуваат дека околу периодот на полна месечина, активноста на мозокот која е поврзана со длабокиот сон опаѓа за околу 30%. Исто така на луѓето им се потребни 5 минути повеќе за да заспијат и во просек спиеле 20-тина минути помалку од вообичаено.“
Истражувачите веруваат дека ова се случува поради нашиот внатрешен „месечев часовник“ кој ги следи циклусите и влијае врз нашите хормонални нивоа.
4. Потреба од брза храна
Една од опасностите од недоволниот сон е потребата за брза храна. Како дел од едно неодамнешно истражување, научниците ги скенирале мозоците на 24 испитаници откако ќе се наспијат, доволно и недоволно. По нарушеното спиење, се покажала зголемена активност во одредени области во мозокот кои биле поврзани со наградите и автоматското однесување. Изгледа како недостатокот на сон да им ја одзема самоконтролата на луѓето и со тоа нивните добри намери брзо се забораваат. Токму затоа се појавува и необјаснивата потреба за брза храна.
5. Учење за време на спиење
Не е можно да научите нешто ново за време на спиењето, како на пример странски јазик, но тоа не значи дека со сонот не се зацврстува она што веќе го знаете. Гобел и колегите откриле дека студентите подобро научиле да свират серија од музички ноти откако ги слушале за време на 90-минутна дремка.
Научниците откриле дека со помош на сонот вие ги зацврстувате оние сеќавања кои веќе ги имате стекнато.
6. Придобивките од 6-минутната дремка
Дури и малите количини сон можат да бидат корисни. Една студија спроведена од Лал, открила дека доволна е и 6-минутна дремка за да го подобри перформансот на тест за потсетување на претходно научени зборови.
Можете слободно да го искористите ова истражување како изговор нареден пат кога вашиот шеф ќе ве забележи како ги одмарате вашите очи на работа… 🙂
7. Ноќните птици имаат намалена густина на бела маса
Истражувачите откриле различни неврални структури кај ранобудниците и кај ноќните птици. Поради сè уште непознати причини ноќните птици имаат намалена густина на белата маса во мозокот. Намалената густина во овие области се поврзува со депресија и когнитивна нестабилност. Бидејќи ноќните птици многу тешко можат да заспијат порано, тие во текот на денот постојано се уморни и токму поради тоа нивниот мозок страда од последиците.
8. Сонот на децата
Децата обработуваат многу повеќе информации од возрасните бидејќи на нив сè им е ново. Токму затоа нередовното време за спиење на млади години може да доведе до намалување на когнитивните перформанси. Една студија покажала дека по добар сон, децата многу полесно ја наоѓале скриената шема во задачата која им била зададена.
9. Адолесцентите имаат потреба од повеќе спиење
Во просек, на адолесцентите им се потребни околу еден или два часа повеќе спиење од возрасните. Па, доколку ова е вистина, тогаш зошто тие мора да стануваат толку рано за да одат на училиште?
Една студија го одложила будењето на адолесцентите за само 25 минути. Тие откриле дека со тоа бројот на студентите кои спиеле повеќе од 8 часа во текот на вечерта се зголемил од 18% на 44%. И уште поинтересно е што откриле и дека студентите се чувствувале помалку поспани, помалку депресивни и конзумирале многу помалку кофеин.
10. Моторни вештини
Кога учиме одредени моторни вештини, како на пример свирење на клавир, нашиот мозок продолжува со процесирање на информациите дури и откако ќе завршиме. Во истражувањето спроведено од Ален, музичарите кои вежбале нови песни имале поголем успех во брзината и точноста доколку претходно добро се наспале. Исто како и меморијата, добриот ноќен сон може да ги подобри и моторните перформанси.
11. Проблеми во врските
Луѓето најчесто се во своето најлошо светло доколку лошо спиеле, но како тоа влијае врз нивните интимни врски? Една нова студија открила дека доволно е само една лоша ноќ за да се предизвика огромна штета врз врската. Тие откриле дека дури и оние кои во просек добро спиеле, само една ноќ со недоволно сон може да предизвика некаков вид конфликт наредниот ден.
12. За време на спиењето се отвораат скриени пештери
Новите истражувања откриле „скриени пештери“ во мозокот, кои се отвораат за време на сонот, овозможувајќи и на цереброспиналата течност да ги исфрла потенцијалните невротоксини, како „β-amyloid“ кои се поврзуваат со Алцхајмеровата болест.
И за крај, не заборавајте, како што Вилсон Мизнер еднаш рекол:
„Количината на сонот која е потребна за еден просечен човек е 5 минути или повеќе.“
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.