Боите и вкусот на совршените макаронси
Автор: Радмила Костадиновска
„Macarons“ се светски популарни десерт колачиња кои многу наликуваат на мини хамбургери во светли бои.
Зборот „macaron“ е изведен од италијанскиот збор „maccarone“. Се верува дека овие колачиња ѝ биле претставени на Франција од Италија околу 1533 г., кога Кетрин ди Медичи била кралица на Франција. На почетокот макаронсот се правел само од едно колаче, кога Пјер Дефонтен, сопственикот на „Ladurée“ (многу позната и луксузна француска пекара), залепил две колачиња со ганаш крем и овој рецепт станал толку многу популарен во Франција, што денес го нарекуваат скапоцен камен на француското пекарство. Доколку имате можност да го посетите Париз, топло ви препорачуваме да ги пробате, затоа што велат дека францускиот путер им дава уникатен вкус.
Овие мали колачи се направени од две тркалезни школки, кои се залепени со фил. Школките се прават од белки од јајца (кои се оставаат надвор од фрижидер една ноќ), шеќер во прав, бадемово брашно и шеќер во гранули. Постојат бескрај варијации на филот којшто може да се користи во изработката на овие слатки задоволства, но најпознати се ганаш филот, овошен фил, фил со путер и со овошни џемови. Интересен е фактот дека макаронсите се едни од ретките продукти за кои употребата на обојувачи е широко прифатена во слаткарството. Нивните различни бои овозможуваат полесно разликување на нивните вкусови во продавниците.
Макаронсите најчесто се прават во големина доволна за да бидат изедени во 1-2 залака, со дијаметар 3-5 см. Што се однесува до калориите, можат да содржат 70-100 калории, во зависност од филот. За споредба еден капкејк содржи околу 400 калории. Тие не треба да бидат многу благи или филот да тече од нив. Кога ќе гризнете од ова колаче, ќе забележите дека има деликатна коричка, како лушпа од јајце. Под неа се наоѓа влажно и нежно колаче со меко полнење.
Честопати, колачите macarons се мешаат со слатките macaroons, главно поради сличноста во изговорот. Но, постојат многу разлики помеѓу нив. Macaroon е меко колаче направено од белки од јајца, шеќер и кокос, често потопени во чоколадо, кое не изгледа ни приближно толку привлечно како macaron.
Иако популарноста на овие колачи секојдневно расте на нашите простори, не можеме да ги најдеме во многу продавници. Се надеваме дека ќе инспирираме некој да отвори нов бизнис. 🙂
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.