Ас-Салт: Гратче во Блискиот Исток во кое мирува толеранцијата и великодушноста
Од неодамна малиот град во Јордан, Ас-Салт, стана дел од листата на светското културно наследство на УНЕСКО. Овој град каде минарињата и црковните куполи го делат хоризонтот, го доби епитетот на „место на толеранција и урбано гостопримство“.
Сместен на раскрсницата на главните трговски патишта меѓу Средоземното Море и Арапскиот Полуостров, Ас-Салт прераснал во важен економски центар кон крајот на 19 век за време на реформите наменети за „модернизација“ на Отоманската империја. Историскиот центар на градот изобилува со градби од варовник кои датираат од крајот на 19-ти век и почетокот на 20-ти век. Со векови, градот бил важна станица за трговците и аџиите на нивниот пат кон Ерусалим, Дамаск, Багдад или Мека. Од тогаш па сè до денес, Ас-Салт е познат по гостопримливоста на неговите жители. Во 19-ти век Ас-Салт станал административно седиште на регионот, привлекувајќи трговци од различно верско и културно потекло. Многумина од нив решиле да се населат овде, па така со текот на времето се создале населби каде локалните бедуински племиња се измешале со левантинските трговци и занаетчии.
Најдобар пример за спојот на отоманскиот стил, европските влијанија како и локалната традиција е раскошната куќа на Абу Џабер, со остатоци од фрескопис, витражи во art nouveau стил, украсени столбови и плочки од Сирија. Куќата му припаѓала на богатото трговско семејство Абу Џабер кое се населило во градот кон крајот на 19-ти век, а денес е музеј кој ги води посетителите низ историјата и традицијата на градот.
Градот е посебен не само во поглед на историските градби туку и поради начинот на кој ги зачувал традициите на гостопримство и меѓуверска толеранција низ вековите. Тој е совршен пример за соживот меѓу муслиманското и христијанското население.
Откако прочитавте за ова гратче во Јордан кое е симбол на меѓуверската толеранција, ви препорачуваме да прочитате и за градот кој е свето место и рај за вегетаријанците.
Извор: bbc.com