Јапонска кафетерија вработува парализирани луѓе како келнери
Во сферата на технологијата, келнерите роботи не се нов концепт и веќе се користат во кафетерии и ресторани ширум светот. Но, една кафетерија од Јапонија ја однела идејата на сосема ново ниво.
Овој месец во Токио била отворена кафетеријата Dawn Ver Beta. Како келнери се користат роботи на компанијата Orly Lab, а најинтересно е што овие роботи се контролирани од луѓе со сериозни инвалидитети. Целта е да им се овозможи поголема независност на овие луѓе.
Засега се вработени 10 луѓе. Вработените страдаат од болести како амиотрофична латерална склероза и други повреди на ‘рбетниот столб. Тие ги управуваат роботите од нивниот дом и добиваат плата од околу 8 евра на час.
Роботите се контролирани со помош на компјутер кој ги следи движењата на очите на луѓето кои се врзани за кревет. На овој начин тие можат да ги движат роботите, да креваат предмети, па дури и да разговараат со муштериите. Сепак, сега засега ова е само тестирање и креаторите собираат средства за перманентно отворање на кафетеријата во 2020-та година.
Дали знаевте дека и во Кина постои ресторан во кој служат само роботи?