Интервју со Гордана Мишевска: Од професорска клупа до сопствен едукациски центар со заштитна марка и програма од „Харвард“
Со напредокот на технологијата, се јавува и потребата од квалитетни едукативни ИТ-центри за деца кои навистина ќе придонесат во развојот на децата. Учењето програмирање им помага на децата да ја разберат технологијата која навлегува и брзо се шири во модерниот свет, а ако сакате вашите деца да научат да програмираат уште од мали нозе, Едукативниот центар за креативно компјутерско образование за деца „ЕДУФРОНТ“ е тука за да им го овозможи тоа.
1. Што е Едуфронт и од каде потекнува идејата за нешто вакво? Кои се вашите постигнувања досега?
ЕДУФРОНТ е едукативен центар за компјутерска технологија посветен на поттикнување на иновативниот дух на децата и на способностите за решавање проблеми. За време на овие обуки и програми, децата се запознаваат со прототипови, дизајнирање, тестирање и итерација, како и со сите важни аспекти на процесот на иновации. Наставата ја водат врвни едукатори кои знаењето до учениците го пренесуваат на забавен начин следејќи напредни методологии од „Харвард“.
Приказната за Едуфронт започна во 2018 година. Идејата за создавањето на ЕДУФРОНТ се роди кога увидов дека постои потреба од квалитетни едукативни ИТ-центри за деца кои навистина ќе придонесат во развојот на децата. Со напредокот на технологијата и пристапноста на сите алатки, сметав дека нема причина зошто нашите деца да не можат да имаат пристап и квалитет во едукацијата според светски докажаните програми од „Харвард“. Така настана ЕДУФРОНТ, со личен мотив и желба за солидно, квалитетно и светско признаено ИТ-образование за деца од 6 до 12 год. Едукацијата и компјутерското образование на децата се повеќе од важни, а сега веќе и неизбежни, бидејќи уште од најмала училишна возраст децата користат паметни уреди.
Развивме компјутерско образование за деца базирано на иновативната наставна програма на „Харвард“. Започнавме со две програми за креативно компјутерско образование за деца: „ПрограмиИграм Мини“ за деца од 6 до 8 години и „ПрограмИграм“ за деца од 8 до 12 години. Овие програми се развиени и заштитени како трговски марки под имињата: „Едуфронт“ и „ПрограмИграм“. Покрај нашата најпосетена и најпозната програма за „ПрограмИграм во Scratch“, развивме уште две нови обуки за програмирање за деца „ПрограмИграм во Python“ и „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“ и горди сме што бројката на запишани и задоволни деца постојано расте.
2. Зошто мислите дека е важно да се стекне програмирањето како вештина уште од рана возраст?
Програмирањето е важна вештина поради неколку причини. Како прво, тоа е јазик, а учењето јазици помага за развој на мозокот. Како што природните јазици ни овозможуваат да ги искажеме нашите потреби и желби, откритија и соништа, така и програмските јазици ни овозможуваат нови начини на размислување и нови начини за комуникација и изразување идеи. Треба да ги научиме синтаксата и граматиката и со текот на времето, колку повеќе работиме со нив, толку потечно ги „говориме“.
Исто така, учењето програмирање им помага на децата да ја разберат технологијата која навлегува и брзо се шири во модерниот свет. Им помага на децата да преминат од пасивни корисници на технологијата во нејзини активни корисници и да ја користат за создавање проекти и програми кои ќе бидат од значење, како за нив, така и за други корисници. Програмирањето учи на трпеливост, критичко размислување и емпатија – грижа за искуството на корисникот.
3. Што е Scratch и како може да го користат најмладите?
Scratch е одличен програмски јазик за секој кој сака да започне со програмирање, а немал искуство досега. Овој програмски јазик е базиран на визуелни блокови за програмирање што им овозможува на корисниците да научат компјутерско програмирање додека работат на лично значајни проекти, како што се анимирани приказни и игри. Scratch е проект на „Lifelong Kindergarten Group“ во MIT Media Lab.
Во Scratch, децата можат да програмираат свои интерактивни колажи, приказни, анимации и игри. Истовремено, преку неговото изучување, децата учат: математички концепти, програмерски концепти на мотивирачки начин и давање смисла и конкретно значење, процес на дизајн, креативно размислување, јасна комуникација, систематско анализирање и ефективно соработување преку континуирано учење.
4. Како ја приспособувате наставната програма развиена од „Харвард“ според македонскиот модел на образование? Како ја приспособувате програмата според возраста, со какви алатки се служите и кој ги држи обуките?
Наставната програма „Creative Computing Curriculum“, развиена од „Harvard Graduate School of Education“, ја искористивме за креирање на програмата на обуката „ПрограмИграм во Scratch“. Taa e збирка на идеи, стратегии и активности за воведно искуство во креативна работа со компјутери користејќи го програмскиот јазик Scratch. Активностите се дизајнирани на тој начин што се соодветни за работа со деца од 8 до 12 години. Откако децата ќе се стекнат со воведно знаење за програмирање и креативна работа со компјутери преку „ПрограмИграм во Scratch“, можат многу полесно да започнат со изучување веб-дизајн или текст базиран на програмски јазик што го нудиме во нашите обуки „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“ и „ПрограмИграм во Python“.
Веб-платформите и алатките што се користат на обуките се специјално наменети за деца на соодветната возраст за совладување на конкретните цели. Тимот на едукатори во Едуфронт е составен од долгогодишни експерти со теоретско и практично искуство од програмскиот јазик што го предаваат и што е најважно, имаат желба да работат со деца и да им пренесуваат знаење за програмирање на интересен и инспиративен начин. Уште пред да започнеме, како најважен критериум ни беше секоја обука да биде квалитетна и бевме свесни дека за тоа најголемо влијание има самиот едукатор.
5. Како се справувате со новите услови за работа предизвикани од пандемијата на коронавирусот?
„Опстанува оној кој најбргу се приспособува на промената“, рекол Чарлс Дарвин. Пандемијата ни наложи предизвик на кој брзо се адаптиравме и денес сите наши обуки, пред сè, поради безбедноста на децата, се оддржуваат во виртуелна училница. Како платформа за конференција ја користиме платформата „Zoom“. Притоа, на секоја од обуките користиме веб-платформи за учење или бесплатни едитори коишто учениците може лесно да ги симнат и да ги користат на своите компјутери. Целата останата комуникација и споделувањето материјали за работа се одвива по електронски пат. Во однос на тоа, покрај конкретните цели на часот и обуката, на секој од часовите децата ги учиме и на други дигитални вештини и алатки кои им ги олеснуваат работата и учењето и се дел од дигиталната писменост која треба да се учи од најмали нозе, а ќе им биде од корист во понатамошното образование и во кариерата.
6. Со какви знаења ќе се стекнат учениците и колкав е интересот за овие обуки?
Целта на нашите обуки е децата да стекнат технолошка писменост за да ја разберат технологијата присутна во светот околу нив и да станат нејзини активни корисници. Програмите се насочени кон развивање и усвојување алгоритамско размислување, програмирање, системско размислување и дизајн.
Нашата најпопуларна обука е „ПрограмИграм во Scratch“ во која се изучува програмскиот јазик Scratch преку користење на наставната програма „Creative Computing Curriculum“. Оваа обука е наменета за деца на возраст од 8 до 12 години. Самата обука е вовед и запознавање со програмирањето и процесот на дизајн. Во неа се изучуваат основните компјутерски идеи и програмерски концепти преку изработка на проекти креирајќи приказни, анимации и игри.
Во обуката „ПрограмИграм во HTML/CSS/JS“ се изучуваат скрипт јазиците HTML, CSS и програмскиот јазик JS. Притоа, се користи едукативна платформа со соодветни активности наменети за деца, за полесно усвојување и совладување на таговите. Со оваа обука децата ги усвојуваат основите на изработка на скрипти во HTML и CSS преку интересен и лесно разбирлив метод и ги комбинираат знаењата од HTML, CSS и JS за да создадат стилизирана веб-страница. На оваа обука продолжуваат децата кои веќе ја изучиле „ПрограмИграм во Scratch“ или деца над 10-годишна возраст со интерес за изучување веб-дизајн.
Во обуката „ПрограмИграм во Python“ се изучува програмскиот јазик Python, еден од најкористените јазици во професионалното програмирање. Децата во оваа обука ја изучуваат синтаксата на Python и основните концепти (променливи, низи, услови, циклуси, функции итн.) кои се среќаваат во секој програмски јазик. Оваа обука им обезбедува на учениците забавен начин да научат вештини за кодирање. Учениците учат да прават пресметки, да прават списоци и да научат како програмирањето може да се стави во практична употреба. На оваа обука продолжуваат децата кои веќе ја изучиле „ПрограмИграм во Scratch“ или деца над 10-годишна возраст со интерес за изучување програмирање.
Повеќе информации за овие програми може да најдете и на www.edufront.mk или на https://www.facebook.com/edufront.mk.