8 начини на кои можете да го продолжите траењето на батеријата на вашиот смартфон

8 начини на кои можете да го продолжите траењето на батеријата на вашиот смартфон

Смартфоните станаа клучни во нашите секојдневни активности. Ги употребуваме за да провериме имејл, да гледаме видеа на Јутјуб, да читаме вести, да слушаме музика, да фотографираме, да играме игри… Но, покрај многуте придобивки од нив, тие сепак имаат и една негативна страна – животот на батеријата. Искрено се надеваме дека во иднина ќе се најде начин батеријата да трае со денови, па можеби дури и со недели, но дотогаш мора она што го имаме да го искористиме најдобро што можеме.

8 начини на кои можете да го продолжите траењето на батеријата на вашиот смартфон

Погледнете ги наредниве неколку начини на кои можете да го продолжите траењето на батеријата на вашиот смартфон.

1. Ниво на осветленост на екранот

Осветленоста на екранот многу влијае врз перформансот на батеријата. Кога има доволно светлина околу вас, намалете го осветлувањето најмногу што можете. Или пак, подесете го на „автоматски“ и на тој начин вашиот смартфон сам ќе го намалува/зголемува осветлувањето на екранот во однос на околината во која се наоѓате. Исто така не заборавајте дека доколку подолго време гледате во премногу светол екран тоа може лошо да влијае врз вашите очи.

2. Вибрации

Вибрациите ве информираат доколку имате повик или порака за време на состаноци или на места каде што мора да го чувате вашиот мобилен на тивко. Но, во сите други ситуации можете да наместите различни рингтонови за повиците и пораките и да ги тргнете вибрациите.

3. Подесувања за поврзување

„Wi-Fi“, „Bluetooth“,„GPS“ и „3G“ се прекрасни можности за користење, но тие ја трошат вашата батерија дури и кога не ги употребувате. Обидете се да си создадете навика да ги исклучувате секогаш кога не ви се потребни.

4. Апликации

Проверивте што има ново на Твитер? Супер, но доколку ги оставате овие апликации да работат во позадина тие ќе продолжат да ја трошат вашата батерија. Токму затоа ако имате апликации кои во одреден период не ви се потребни, исклучувајте ги целосно веднаш откако ќе завршите со нив.

5. Полнење

Овој трик не е секогаш возможен, но обидете се да ја трошите вашата батерија до крај. Исто така кога ќе го полните смартфонот, оставајте го да се наполни до 100%. Не го прекинувајте порано. На овој начин не само што ќе ги подобрите перформансите на батеријата туку и ќе го продолжите нејзиниот живот.

6. Апликации за штедење на батеријата

Симнете ја бесплатната апликација „Battery Doctor“. Таа ќе ви покажува кои апликации трошат најголем дел од вашата батерија како и уште колку време од батеријата ви останува додека го користите мобилниот. Направете мало истражување и погледнете ги и останатите апликации со истата функција. Ако се бесплатни, ништо не ве спречува да ги пробате.

7. Автоматско исклучување на екранот

Обидете се да го исклучувате екранот веднаш откако ќе завршите со работа. Исто така подесете го автоматското исклучување на екранот на минимум.

8. Нотификации

Обидете се да ги намалите нотификациите за секоја од апликациите. Постојаната поврзаност со интернет предизвикува известувања за сите промени поврзани со апликациите, а на тој начин вашата батерија непотребно брзо се троши. Дали навистина имате потреба од сите нотификации кои ви пристигаат? Или можеби доволно е одвреме-навреме, кога ќе имате потреба сами да ги проверувате апликациите кои постојано непотребно ве известуваат?


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар