4 апликации со звуци кои ќе ви помогнат да бидете попродуктивни
Во филмовите писателите пишуваат на маса во кафуле или во природа слушајќи ги птиците и шумолењето на дрвјата. Постои причина зошто е тоа така. Иако бараме тишина за да бидеме сконцентрирани, вистината е дека мала галама помага за поголема продуктивност.
Модерната технологија без проблем ви ги носи омилените звуци дома, од гужва во кафуле (како апликацијата Coffitivity, за која веќе сме пишувале), до звуци на капки дожд. Ова се уште 4 апликации кои ќе ви помогнат да ја разбудите креативноста, да работите во опуштена атмосфера и да бидете попродуктивни. Овие апликации се совршени за оние кои работат од дома, но и за оние во канцеларија. Одберете ја онаа која најмногу ви се допаѓа и впуштете се во работа.
1. Raining FM
Дождот е најсмирувачкиот звук, па зошто да не го слушате и кога не врне надвор? Апликацијата Raining FM ви носи звуци на дожд и грмотевици по ваш избор, а може да го прилагодите и нивото на звукот. Исто така, од десната страна ви стојат два потсетници, кога треба да се напиете кафе и да направите пауза, а кога е време да си легнете. Потсетниците треба само да ги тајмирате, така што може слободно да се изгубите во вашата работа, за некое време апликацијата ќе ве потсети да земете здив. Ако сте љубители на дождот ова е совршена апликација за вас.
2. 99U Music
Доколку сакате да слушате музика додека работите, а ви е смачено од едни исти песни и познати хитови кои се вртат по радио станиците, оваа апликација ќе ви понуди различни плејлисти кои ќе ве опуштат. Треба само да кликнете и да одберете која плејлиста сакате да ја слушате.
3. Ambient-Mixer
Звук на дожд или звукот што го прават дрвата дури горат – Ambient-Mixer ќе ви понуди разни амбиенти, треба само да го одберете оној кој најмногу ви се допаѓа.
4. Noisli
А кога сме веќе кај одбирањето на вашите омилени звуци, Noisli ќе ви помогне да се опуштите со микс од звуци кои сами ќе си ги одберете. Може да направите апликацијата сама да меша звуци или пак вие сами да направите комбинација.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.