30 eдноставни совети за онлајн безбедност

30 eдноставни совети за онлајн безбедност

Онлајн приватноста е комплексна и понекогаш збунувачка работа. Многу луѓе веруваат дека се безбедни, па користат јавни интернет мрежи за трансфер на пари или пак ја проверуваат состојбата на своите сметки. Дури и законите кои важат за онлајн приватноста не нудат целосна заштита. За да го намалите ризикот од каков било онлајн напад, погледнете ги овие совети.

30-ednostavni-soveti-za-onlajn-bezbednost-kafepaza.mk

1. Чувајте ги личните информации за вас

Немојте да споделувате лични податоци за вас онлајн или преку телефон ако не сте сигурни кој ги бара. Вашата банка можеби ќе има потреба од некои лични податоци, но немојте да споделувате премногу. Кога некоја интернет страница ќе побара матичен број или слично за да ве идентификува, немојте да кажувате ништо освен ако не сте сигурни дека страницата е веродостојна.

2. Инсталирајте анти-вирусна програма

Овие програми ќе го заштитат вашиот компјутер од потенцијални напади. Истражувајте која програма е најдобра за вас пред да ја купите. Доколку немате пари за тоа, постојат бројни програми кои нудат бесплатна заштита како AVG, AVAST, AVIRA и слично.

3. Редовно надградувајте го софтверот

Немојте да ги игнорирате нотификациите за надградба на софтверот. Тие се навистина важни и ја подобруваат безбедноста на вашиот уред.

4. Не користете иста лозинка два пати

Навистина е полесно да имате една лозинка за сите онлајн профили, но ова е многу ризично. Ако некој хакер успее да допре до вашите податоци за најавување, тогаш тој ќе има пристап до сите ваши профили со таа лозинка.

5. Симнете апликација за лозинки

На овој начин ќе го избегнете крадењето на вашиот идентитет и со апликацијата ќе можете да создавате и да ги чувате вашите лозинки. Ако некој допре до лозинка од еден ваш профил, другите профили ќе ви бидат безбедни.

6. Избегнувајте ги лажните онлајн награди

Сигурно ви се има случено да отворите некоја страница и да добиете порака дека сте добиле нешто. Речиси секогаш овие „награди“ се лажни и се користат за крадење лични податоци.

7. Лагата „работење од дома“

Со растењето на популарноста на фриленс работните места, понудата за работа од дома изгледа навистина примамливо. Но, не се сите понуди онака како што изгледаат. Ако се сомневате, добро истражете ја компанијата која го нуди работното место. Најдете некој кој ќе може да ви каже повеќе за работното место за да откриете дали станува збор за измама.

8. Надгледувајте ги вашите финансии

Направете да добивате нотификација на вашиот смартфон или имејл кога правите трансакција со кредитната или дебитната картичка. На овој начин ќе знаете ако некој друг ја употребувал.

9. Наместете Гугл аларм за вашето име

На овој начин ќе знаете што се прикачува на Интернет што може да се поврзе со вашето име. Можете да го наместите Гугл алармот за вас или за што било.

10. Зачувајте ја приватноста на социјалните мрежи

Вашата активност на социјалните мрежи нека биде приватна. Проверете ги вашите Инстаграм, Фејсбук и Твитер профили и осигурете се дека само вашите пријатели можат да гледаат што споделувате. Многу често се злоупотребуваат фотографиите од социјалните мрежи, па бидете внимателни.

11. Бидете креативни со безбедносните прашања

Овие прашања не се толку безбедни. Тие често го вклучуваат името на миленичето, градот во кој сте родени, името на вашата мајка… А овие информации често се наоѓаат на Интернет. Па наместо обичните прашања, бидете малку креативни, и се разбира, дајте одговор на кој ќе се сеќавате.

12. Одделно чувајте ги работата и личните податоци

Ако имате имејл на работното место, тогаш користете го само за тоа. Направете друга имејл адреса за семејството и пријателите.

13. Заштитете го вашиот хардвер

За да го заштитите вашиот компјутер ставете лозинка. Секој пат кога некој ќе сака да го користи, ќе мора да ја внесе лозинката. Се разбира, можете да им верувате на семејството и на пријателите, но што ако некој ви го украде лаптопот?

14. Исклучете ја опцијата за локација

Исклучете ги опциите за локација и вклучувајте ги само кога ви се потребни. ГПС уредот на вашиот телефон им дозволува на вашиот мобилен оператор и на производителите на апликациите да ја гледаат вашата точна локација.

15. Внимавајте на безжичните мрежи

Важно е да се заштитете кога се поврзувате со Интернет. Немојте да ја кажувате лозинката за вашиот Интернет никому, освен на оние кои им верувате. Ако користите јавна безжична мрежа, внимавајте на податоците кои ги споделувате бидејќи многу често овие мрежи не се безбедни.

16. Вклучете го приватното пребарување

Приватното пребарување е достапно на речиси секој пребарувач и ги брише колачињата, историјата и некои непотребни податоци кога ја затворате апликацијата. Исто така, приватното пребарување ги спречува веб-сајтовите да ги собираат вашите податоци. Ако сакате уште поголема безбедност, можете да користите Виртуелна приватна мрежа (VPN).

17. Користете идентификација во два чекора

Овој вид на заштита од вас ќе бара лозинка, но и друг податок за да можете да се најавите на некој од вашите профили. Вториот чекор обично е код кој ќе го добиете на вашиот телефон или имејл.

18. Користете енкрипција

Различните онлајн сервиси како Фејсбук користат енкрипција. Користете енкрипција за вашиот имејл така што личноста со која што комуницирате ќе мора да добие код или лозинка за да може да ве контактира.

19. Не објавувајте лични информации

Дали мора сегде да ја внесувате датата на раѓање, или пак бројот на вашиот телефон? Овие информации ве прават лесна мета на луѓето кои сакаат да ги украдат вашите профили.

20. Игнорирајте ги прозорците со реклами

Овие прозорчиња кои сами се вклучуваат се многу повеќе од досадни. Тие можат да содржат вируси кои ќе ве натераат да одобрите нешто и да почнат да се симнуваат на вашиот компјутер. Затоа најдобро е да ги игнорирате прозорците кои ви нудат да играте некоја игра, да одговорите некоја порака и слично. Можете да користите и софтвер кој ги блокира овие пораки.

21. Проверувајте го URL кодот

Многу хакери користат лажни Интернет страници кои се речиси идентични со други со цел да соберат лични податоци. Затоа секогаш е добро да ја проверите Интернет страницата пред да ја отворите. Страните кои се безбедни секогаш имаат https на почетокот од URL кодот.

22. Не отворајте линкови од непознати испраќачи

Хакерите често прават имејл адреси кои изгледаат како да се од банка или од популарна Интернет страница. Ако не ви е познат испраќачот на пораката, немојте да ги отворате линковите во неа.

23. Избришете ги вашите податоци

Пред да почнете да користите нов електронски уред, избришете ги сите податоци од стариот. Ако не се одјавите од вашите профили, некој друг многу лесно може да ги злоупотреби, особено ако решите да се ослободите од стариот уред. Избришете ги сите фотографии, контакти, видеа и слично.

24. Внимавајте кога инсталирате апликации

Многу апликации собираат лични податоци кои потоа ги користат за рекламирање. Пред да инсталирате некоја апликација, секогаш проверете до кои ваши податоци ќе има пристап. Ако бара пристап до вашите фотографии, контакти и слично, можеби е најдобро да не ја инсталирате.

25. Купувајте само од безбедни веб-сајтови

Луѓето сакаат да купуваат онлајн, и многу често се жртви на измама. За да го избегнете ова никогаш не купувајте од непознати страници. Исто така ако некоја понуда ви звучи премногу добра за да биде вистинита, голема е веројатноста да сте во право.

26. Ако се сомневате во нешто, блокирајте го

Ако некој постојано ви праќа пораки со чудни линкови или коментари, едноставно блокирајте го. Исто така игнорирајте ги понудите за пријателство од луѓе кои не ги познавате.

27. Избегнете ги потенцијално несаканите програми (PUP)

Бесплатниот софтвер многу често доаѓа со несакани последици. Обично тие се во форма на реклами, екстензии или податоци кои не ви се потребни. Секогаш внимателно прочитајте што ќе инсталирате со софтверот и немојте да ги штиклирате квадратчињата со работи кои не ви се потребни кога ја инсталирате програмата.

28. Избегнувајте ги онлајн квизовите

Иако изгледаат примамливо, овие квизови може да ги украдат вашите лични податоци кои подоцна може да се најдат во погрешни раце.

29. Направете копија од вашите информации

Направете копија или back up на сите ваши податоци. На овој начин ќе можете да ги повратите доколку случајно ги избришете или ви се расипе уредот.

30. Кажете им на децата за онлајн измамите

За да ги заштитите вашите деца од измами објаснете им за онлајн безбедноста. Колку повеќе ќе бидат информирани, толку полесно ќе ги спречите онлајн нападите.

Погледнете и како да имате максимална заштита на вашите онлајн профили.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар