10 трикови за фотографирање поинтересни портрети
Со прецизно следење на правилата за фотографирање ќе добиете фотки за паметење, но неретко и едноставни портрети на кои личноста „стои“ на средината од фотографијата со својата омилена „фаца за сликање“. Искористете ги следните трикови за да ја избегнете здодевноста која ја носат таквите фотографии. Ќе бидете воодушевени од резултатите.
Играјте си со контактот со очите
Кога личноста која ја фотографирате гледа право во објективот тоа создава врска помеѓу неа и гледачот, но постојат неколку трикови кои можат да додадат уште повеќе магија во тоа. Поглед вон објективот кон нешто кое не се гледа на сликата додава мистерија и спонтаност, а ако личноста изразува одредена емоција резултатот е уште подобар. Исто така, можете да се обидете со поглед кон некој друг објект на сликата. На пример, мајка која гледа кон своето дете или дете кое гледа кон топка овозможува создавање на приказна која фотографијата ја носи со себе.
Прекршете ги правилата на композиција
Корисно е да се знаат основните правила на фотографирањето, но најдобрите фотографи велат дека најбитно правило е тие да се прекршат кога ја доведуваат креативноста во прашање. Правилото на третини ќе ве натера да ја сместите личноста на сред слика, што може да резултира со одлична фотографија, но ако понекогаш го преместите објектот кон една од страните можете да добиете нешто поинакво и многу поинтересно.
Експериментирајте со позадините
Различна позадина на различен начин ја истакнува личноста на фотографијата. Експериментирајте со бројни позадини во потрага по резултатот кој го посакувате.
Правете спонтани портрети
Кога една личност ќе се намести како што ѝ одговара со извежбан израз на лицето се добива просечен портрет. Но, кога истата таа личност се однесува спонтано на лицето и излегуваат емоции кои даваат интересни фотографии. На пример, сликање додека прави нешто во што ужива. Затоа често портретите на деца се многу убави и полни со живот.
Фотографирајте во „златниот час“
„Златен час“ се нарекува периодот од денот во кој сонцето изгрева или заоѓа оставајќи златни отпечатоци на околината. Со тоа портретот ќе добие извонредна топлина и мистичност.
Фокусирајте се само на еден дел од телото
Портретирање одблиску на очите, устата, рацете, или долниот дел од телото оставаат нешто на имагинацијата на гледачот и оставаат силен впечаток. Понекогаш, она што се гледа на сликата може да каже многу за она што е изоставено.
Добра идеја е и да покриете еден дел од телото со што ќе истакнете друг. Со тоа оставате малку на имагинацијата на гледачот, но ќе му го насочите погледот кон оној дел кој сакате да го истакнете.
Направете повеќе фотографии одеднаш
Задолжително експериментирајте со опциите burst и continuous shooting. Направете цела серија фотографии со само едно притискање на копчето за фотографирање. Така ќе успеете да „фатите“ емоција или израз на лицето на вашиот субјект кој инаку не би успеале да го добиете доколку внимателно ви позира. Ова е особено корисно при фотографирање деца.
Врамете го субјектот
Употребете ја целата своја креативност за да ја ставите личноста која ја портретирате во одредена рамка која вниманието на гледачот ќе го привлече кон неа. Ако вашиот субјект гледа низ прозорец, погледот на гледачот ќе се насочи кон прозорецот и кон содржината која е во него.
Држете го фотоапаратот под искривен агол
Ако ви здодеале правилно направените портрети, пробајте го овој трик. Накривениот агол на вашите фотографии ќе им даде необичност, ќе ги исполни со енергија и ќе ги направи позабавни.
Побегнете од фокусот
Доколку вашиот фотоапарат ви нуди можност за рачно подесување на фокусот, пробајте да направите портрет без да се фокусирате на личноста. Оставете ја целата фотографија без фокус или насочете го кон некој помалку важен објект. Ќе бидете изненадени од мистериозноста на вашето дело.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.