Претходно
Полнети крофни со фил од кафе
Кој може да одолее на вкусот и мирисот на домашните полнети крофни? Меки, вкусни и неодоливи, крофните се еден од омилените десерти на секој љубител на слатките задоволства. Но, во последно време често пати ѝ се дава предност на печената храна, наспроти пржената, како поздрава варијанта, па затоа се одлучивме да подготвиме токму ваков рецепт за печени полнети крофни.
Потребни состојки:
За крофните:
- 1 чаша топло млеко
- 1 лажица путер
- 2 ½ чаши брашно
- ¾ чаши шеќер
- 1 ½ лажици сув квасец
- 1 мала лажичка екстракт од ванила
- 150 г чоколадо за декорација
За филот од кафе:
- 3 лажици пченкарен скроб
- 1 мала лажичка Браво кафе
- ½ чаша + ¼ чаша шеќер
- 2 чаши млеко
- 4 жолчки
- 2 лажици путер
- 1 мала лажичка екстракт од ванила
Начин на подготовка:
- Топлото млеко и путерот ставете ги во длабок сад и мешајте додека смесата се соедини.
- Брашното пресејте го со сито и ставете го во сад за месење, па додајте ги квасецот и шеќерот. Измешајте ги состојките и во средината направете мал отвор.
- Во садот со брашното додајте го екстрактот од ванила и турете ја смесата од млеко и путер. Мешајте со лажица додека се формира тесто.
- Врз набрашнета површина ставете го тестото и продолжете со месење за време од 5 до 10 минути. Од тестото формирајте голема топка.
- Земете чист длабок сад и намрсете го. Во садот ставете го тестото и покријте го со најлонска фолија и така припремено оставете го на топло место додека тестото двојно да нарасне за време од 1 час.
- Во меѓувреме подгответе го филот. Во тенџере на оган, на средно висока температура ставете 1 и ½ чаша млеко да се вари. Во млекото додајте ½ чаша шеќер и повремено мешајте за да не загори млекото.
- Во друг сад ставете ги пченкарниот скроб, ¼ чаша шеќер и лажичката Браво кафе. Измешајте ги, а потоа додајте ½ чаша млеко и жолчките. Измешајте со жица за матење за да добие хомогена смеса.
- Штом млекото зоврие, намалете ја температурата. Во садот со смесата од кафе, постепено додавајте по малку од врелото млеко и константно мешајте за да се распореди топлината. Потоа, смесата од јајца и кафе ставете ја во тенџерето во кое се вареше млекото. Тенџерето ставете го на огнот и кремот од кафе варете го додека се згусни. Штом кремот ќе ја добие посакуваната густина, тенџерето тргнете го од огнот, а потоа додајте ги путерот и ванилата. Добро измешајте и оставете го филот да се излади.
- Работната маса набрашнете ја и ставете го тестото. Со помош на рацете или сукало формирајте кружна кора со дебелина од 2 до 2,5 см.
- Од кората со помош на калап или чаша исечете крофни. Крофните редете ги во тава обложена со хартија за печење и по желба оставете ги да нараснат за време од 30 минути.
- Тавата со крофни ставете ја во загреана рерна на 200 степени и печете ги за време од 10 до 15 минути додека добијат златно кафеава боја. Печените крофни извадете ги од рерната и оставете ги да се изладат.
- Кремот од кафе ставете го во готварски шприц и со него полнете ги крофните. По желба, крофните може да ги пресечете на половина и да ги премачкате со фил.
- Чоколадото растопете го на пареа, а потоа со него чоколадирајте ги полнетите крофни со фил. На крај, декорирајте го со парчиња чоколадо или јаткасти плодови по желба. Тоа е тоа!
Рецепт и фотографии: Sezahrana.mk