„Борка“ прослави 10 години постоење и активизам во борба против ракот
На 26.11.2017 година во ресторан Александар Парк во Виница, беше организирана јубилејна прослава по повод 10 години од постоењето на Борка – македонско здружение за борба против ракот.
Над 150 жени од разни градови од Македонија присуствуваа на прославата организирана и финансирана од Макпрогрес Виница. На настанот беше организирана и хуманитарна лотарија со награди од локални спонзори. Собраните средства се наменети за нега на пациенти кои боледуваат од рак на дојка.
Неодамна беше одржана Десеттата Национална Конференција посветена на ракот на дојка, во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден”, на која се апелираше и беа истакнати загрижувачки факти и податоци за ова заболување во Македонија.
Највисоко на ризичната листа по смртност од рак на дојка, на прво место во Европа, се наоѓа Македонија. Нажалост, во земјава умираат најголем број од пациентите кои заболеле од оваа болест. Оваа информација е застрашувачка ако се земе предвид дека во повеќето европски земји, оваа болест успешно се лекува.
Со цел подигнување на свеста во општеството за ракот на дојка како потенцијално излечива болест, здружението „Борка“ активно ги едуцира граѓаните, преку испраќање на јасна порака до сите дека ракот не смее да се третира како неизлечива болест и да се охрабрат да прават редовни прегледи за негово навремено дијагностицирање.
Макпрогрес Виница го поддржува здружението „Борка“ во решителноста и напорите да ги интензивира реформите за подобрување на условите во земјава, за справување со оваа болест.