Научете ја моќната музичка абецеда на Black & Vice Social Club!
Мрачни, порочни и автентични, Black & Vice Social Club е бенд чија музика содржи строго оригинални стихови, ноти и мисли. Тие не се преправаат во нешто што не се, а нивната искреност е видлива во сите нивни песни од првиот албум „Until The Road Is A Dead End“ како и во нивните моќни настапи и концерти. Публиката имаше можност да ги чуе во живо на голем број настани и фестивали, од кои последниот се одржа на главната сцена на Д Фестивал во Дојран. Кој чул – знае. Кој не – не смее да ја пропушти можноста да стане дел од овој социјален клуб во наредна прилика.
Бендот го сочинуваат докажани имиња што сигурно ви се веќе познати. Станува збор за Ади Имери како главен вокал и гитара, Горјан Стојменовски на гитара, Симон Пеоски на гитара, Стефан Стојчев на бас гитара и Благоја Антовски на тапани. Главниот музички жанр со кој се одликува оваа група е рок и алтернативен рок. Свеченото отворање на „клубот“ се одржа на 15-ти декември во 2015 година и оттогаш неговата мисија е да „обезбеди прибежиште“ за сите негови членови. Најголемо влијание на нив имаат извршено сите искуства што ги доживеале во текот на животот.
Се сеќавам кога за прв пат го сретнав името на тогаш непознатиот бенд. Налетав на настан на Фејсбук за некаква свирка/концерт/промоција во Маракана насловена со Black & Vice Social Club. Немав поим за што станува збор. Во Маракана се отвора нов клуб кој ќе работи од 21.00 до 24.00? Какво е ова необично долгометражно име? Морам да признаам дека мистеријата со која беше обвиен настанот ме привлече и тоа ми беше доволна причина за да ѕирнам и да дознаам за што станува збор. Музичката интуиција не ме излажа и одлуката се покажа како правилна!
Денес, Black & Vice Social Club можат да се пофалат со музичко видео за песната „Црна црква“, а новиот спот е најавен за септември оваа година и ние ви препорачуваме психички да се подготвите за нешто изопачено и невидено. Ќе ви откриеме само дека главната улога ја толкува актерот Рубенс Муратовски кој ќе можете да го видите во едно поинакво и поженствено издание. Членовите од бендот пред некое време се вратија од нивниот тим-билдинг во Лефкада чии убавини го поттикнале Ади да „изнапише гадни песни“. Тие ни открија дека имаат многу материјал и дека по краткиот одмор неуморно „работат на случајот“.
Со оглед на тоа што станува збор за екстремно талентирани музичари, ние решивме да им поставиме малку потежок предизвик и не побаравме да состават обична плејлиста туку целосна музичка абецеда! По една песна за секоја буква од латиничната азбука! Звучи како невозможна мисија, се согласувате? Не и за Black & Vice Social Club! Не беше никакво изненадување тоа што оваа задача сепак не беше толку тешка колку што мислевме и слободно можеме да кажеме дека членовите од бендот успешно ја извршија без никакви потешкотии.
Проследете го часот по музичко на Black & Vice Social Club и научете ја нивната музичка абецеда! Задржете го вниманието до самиот крај, бидејќи ве очекува вистинско изненадување помеѓу последните неколку песни…
Продолжете на следната страница за да ја слушнете нивната музичка плејлиста…