Интервју со бендот „Бета Хаус“
Бенд: Бета Хаус
Основан: септември, 2009 година
Состав: Александар Алексов (гитара), Стефан Стојчев (бас гитара), Бодин Попов (тапани), Раде Кекеновски (вокал и гитара)
Тип музика: рок, поп, реге, фанк, диско
Млад рок бенд, кој не се ограничува во стилот на музика и експериментира со реге ритмови, диско и фанк гитари и слично…
Како дојдовте до идеја за името на бендот?
Многу спонтано. 🙂 Свиревме на некоја журка и требаше сето тоа некако да се најави, па на Бодин (тапанарот) му текна дека гледал филм во кој Бета Хаус праеле супер журки. И така некако остана името.
Колку често правите проби?
Неделно, два или три пати. Некогаш помалку, некогаш повеќе во зависност колку настапи и обврски имаме.
Можете ли да издвоите некој поважен или можеби омилен настап? И каде може да ве чујат вашите фанови?
Секој настап си има некоја своја убавина, но ако треба да издвоиме, тогаш настапите на фестивалите. Голема сцена, огромен број луѓе, многу енергија, настап на отворено небо – тоа секогаш се памти. Свириме скоро во сите скопски клубови, а кога зборуваме за фестивали ќе настапуваме во понеделник на „Schools Out“ на 10 јуни во Градскиот парк на Школка. Така да, бујрум!Дали би направиле екстремна промена во стилот на музиката, ако некој ви понуди многу пари?
Еве нека биде кратко и јасно. Не 🙂
Честитки за вашата прва авторска песна. Кажете ни нешто повеќе за неа?
Да, деновиве излезе првиот сингл „Мона Лиза“. Летна песна во даб реге стил. Моментално се врти на сите национални радио станици, а спотот е во подготовка.
Дали сте свиреле на свадби или сте имале понуди за свирење?
Не сме свиреле, а додуша не сме имале ни понуди. Чекаме да ни подостари генерацијата уште малку, да почнат да се женат и мажат, па да нè бараат.
Што правите кога не се занимавате со музика?
Секој со своето, главно сите студираат или завршуваат факултети.
Кои македонски бендови или изведувачи особено ги почитувате?
Нашата генерација порасна со „Суперхикс“. Ние и фамилијарно сме поврзани со нив, а и комшиски, бидејќи на исто место правиме проби. Но, ги почитуваме и „Нокаут“, „Леб и Сол“, „Ареа“, „Д.Н.О.“ и други.Што би сакале да ви се случи за да бидете задоволни од успехот на вашиот бенд?
Сакаме да правиме квалитетна македонска музика. Сметаме дека има недостаток на таква музика кај нас. Ако барем малку придонесеме кон тоа, македонската музика да биде подобра, послушана и помодерна, би биле среќни.
Како го гледате бендот после 25 години?
Ауу, па не гледаме толку далеку. Ние во моментов се фокусираме на свирење и правење музика. За иднината нека се грижи Сабина од Амазон. 🙂
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.