Викенд книга: „Во потрага по Алјаска“ - Џон Грин

Викенд книга: „Во потрага по Алјаска“ – Џон Грин

„Некои луѓе влегуваат во твојот живот, те менуваат, па си одат и ништо никогаш повеќе не е исто.“
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (22 гласа, просек: 8,73 од 10)
Loading...

(1) Викенд книга: Во потрага по Алјакса - Џон Грин

Се сеќавате на Џон Грин? Секако дека се сеќавате на авторот кој на светот му ја донесе приказната за Хејзел и Августус и притоа стопли и растажи многу срца. После „Светот не е фабрика за исполнување желби“ знаев дека набрзо и друго негово дело ќе се најде во мои раце. „Во потрага по Алјаска“ е книга наменета за помладата публика, но како и секоја добра приказна, допира до сите љубители на убавиот збор и не познава старосни граници.

Мајлс е повлечено и мирно момче кое решава да го напушти својот ужасно здодевен живот во Флорида за да студира во интернатот Кулвер Крик во Алабама. Зад себе ги остава само своите родители, бидејќи нема пријатели, а уште помалку девојка. Охрабрен од последните зборови на поетот Франсоа Робле „Одам да го барам Големото Можеби“, Мајлс е подготвен за нова фаза во неговиот живот, со надеж дека овој пат ќе запознае луѓе кои ќе го прифатат и ќе доживее незаборавни моменти. Но она што го очекува во интернатот, е многу повеќе од сè она што некогаш го замислувал.


Доделуваме 2 книги во соработка со Сакам книги


За луди и незаборавни моменти потребен е добро поткован цимер, нели? Сите кои некогаш студирале надвор од својот роден град, без разлика дали во студентски дом или во стан, знаат дека цимерите ја прават или ја уништуваат забавата. Мајлс ја имаа таа среќа типот со којшто ја дели собата да е никој друг туку „Полковникот“ лично. Чип „Полковникот“ Мартин е ниско и симпатично момче со страст за изведување будалаштини, пушење цигари и пиење амброзија (млеко и вотка, бљак). Уште подобро, Полковникот има многу згодна пријателка – Алјаска Јанг. Девојката освен што е преубава, таа е интелигентна, забавна и по малку емотивно нестабилна. За Мајлс, таа е прва љубов, прва страст и прва болка. Алјаска и Полковникот го внесуваат Мајлс во нивниот живот исполнет со авантура, го запознаваат со нови луѓе и го учат како се изведуваат најдобрите местенки во интернатот. Следејќи ги во нивните будалаштини, Мајлс открива друга страна од себе – забавен, харизматичен и бунтовен Мајлс. Животот во интернатот се сведува на предавања, учење, забава и вечните битки со Викендашките војници (богати, разгалени студенти кои за викендите си одат дома во своите луксузни домови), а Мајлс ужива во секој момент. Сè додека не открие дека некои луѓе влегуваат во твојот живот, те менуваат до срж, а потоа заминуваат и ништо никогаш повеќе не е исто.

Книгата ги рефлектира сите емотивни турбуленции низ кои поминуваат младите луѓе во најубавите и најлудите години и ги претставува на неверојатно топол начин. Читателот ја следи врската која се создава помеѓу Мајлс и Алјаска на начин кој е различен од сите типични љубовни приказни, бидејќи станува збор за сосема друг вид „врска“. Ликовите, кои на почетокот делуваат обично и секојдневно, низ книгата откриваат работи за себе кои им даваат длабочина и го тераат читателот да се приврзе за нив.

Добив впечаток дека Џон Грин го користи својот талент за да им помогне на младите да ги пребродат сите ситуации кои животот може да им ги нафрли и на кои се особено чувствителни благодарение на недостигот од искуство, а понекогаш и зрелост. За мене, книгата беше емотивен времеплов кој ме врати неколку години наназад и ме потсети на возбудливиот, забавен, исполнет со големи очекувања студентски живот. Се потсетив и дека, ако него го поминеш со погрешни луѓе, може да биде и опасен. Топла препорака, ќе ја прочитате во еден здив!

Изданијата на Сакам Книги можете да ги набавите од сите поголеми книжарници.

За да учествувате во наградната игра треба да оставите коментар, да го твитнете постот или да го пинувате на Пинтерест, користејќи го хаштагот #СакамКнигаОдСакамКниги и вашето име и презиме (ако не може да се прочита точно од вашиот профил). Имате време до недела, 19 април 2015.

Добитниците ќе бидат објавени на профилите на Кафе пауза на Фејсбук, на Твитер и на Пинтерест, а наградите ќе бидат доставени по пошта.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Од кога паметам вљубена сум во играта на зборовите и за мене нема поинтимен момент од оној кога сум сама со мислите пред празен лист хартија. Го ценам друштвото на убава книга, квалитетна музика и шолја турско кафе. Сакам стари предмети и ретро фотографии, особено оние кои со себе носат приказна. Дипломиран економист кој студиите ги преживеа благодарение на зависноста од чоколадо.

Поврзани содржини

Остави коментар