Запознајте ја Даниела – талентираната македонска инстаграмџика и кафехоличарка
Запознајте ја Даниела – талентираната кафехоличарка чии фотографии ќе ве освојат уште на прв поглед. Таа се опишува себеси како Скорпија, којашто иако не чита хороскоп, сепак ги има сите карактерни особини на Скорпиите, особено искреноста, истрајноста, лојалноста, упорноста и пред сè креативноста. Исто така обожава да готви, но и да фотографира.
За разлика од повеќето инстаграмџии, таа го користи Инстаграм за споделување на својата креативност, а не на својот живот. Токму затоа и нејзините фотографии се вистинско освежување меѓу оние коишто сме навикнати секојдневно да ги гледаме. Според неа, само 1% од реалниот живот се споделува на социјалните мрежи, односно се издвојува само тоа што корисниците сакаат да го видат, а не тоа што е вистина. Затоа и таа одлучила да ја издвои својата креативност.
Прочитајте го нашиот разговор во продолжение, дознајте нешто повеќе за Даниела и уживајте во нејзините одлични фотографии!
View this post on Instagram
1. Како најголемите љубители на кафето, мило ни е што запознавме уште една кафехоличарка. Па, кажи ни нешто повеќе за настаните што те поттикнаа да започнеш креативен Инстаграм профил, како и за изворите на инспирација зад објавите.
Ви благодарам, и мене ми е мило што сте ја забележале мојата љубов кон кафето и кон фотографијата. Започнав бев никаква замисла, но како креативец кој постојано го интересираат „направи сами“ проекти, фотографирање и слични активности, полека почнав да објавувам такви содржини. Со текот на времето видов дека има позитивен фидбек, па спонтано почнав постојано да фотографирам. Затоа и ова ми стана еден вид хоби, но и начин на релаксација. Инспирацијата најчесто ми доаѓа сама по себе, но најмногу зависи од самиот момент, што фотографирам, каде се наоѓам и слично..
View this post on Instagram
2. Каква опрема користиш за фотографирање, кој ти е омилениот софтвер за обработка на фотографиите и кои Инста филтри би ги издвоила како најдобрите за да го добиеш посакуваниот ефект?
Користам само мобилен телефон и скоро секогаш фотографиите ги обработувам со апликацијата VSCO. Со оваа апликација ја обработив првата фотографија и иако во меѓувреме тестирав многу други апликации што ги користат другите инстаграмџии, сепак VSCO ми остана најомилена.
Најчесто објавените фотографии ми се со филтрите HB1, HB2 и А5 – тие 3 ми се најомилени.
View this post on Instagram
3. Како ги одбираш позадините за фотографирање? Дали тргнуваш со намера да направиш одредена фотографија или нешто спонтано ти го привлекува вниманието, па градиш сцена околу тоа?
Секогаш е различно. Но, често се случува додека шетам нешто да ми го привлече вниманието, па да застанам и да почнам да го фотографирам од сите можни агли, сè додека не ми се допадне тоа што го гледам на фотографиите. А доколку фотографирам одреден производ, најпрво го замислувам крајниот резултат и фотографирам сè додека не го добијам токму тоа што сум го замислила.
View this post on Instagram
4. Живееме во време кога на креативните умови им е сè потешко да се пробијат на Интернет сцената. Конкуренцијата е огромна и големата присутност на социјалните мрежи прави да е скоро невозможно тие да се истакнат. Каков совет би им дала на инстаграмџиите со малку следбеници, но многу талент за побрзо да напредуваат?
Јас мислам дека квалитетот секогаш наоѓа начин да исплива на виделина. Потребно е да сте истрајни и доследни на својот стил, за со тек на време да станете препознатливи токму по него. Следбениците си доаѓаат сами по себе, а бројот како број никогаш не е мерило за успех.
View this post on Instagram
5. И за крај, би сакала ли да го споделиш твојот омилен рецепт со кафе?
Јас сум голем љубител на турско кафе, а го пијам најчесто горко со две лажички кафе.
View this post on Instagram
Прочитајте го и нашиот разговор со Стефанија Несторовска: Здравата исхрана може да биде вкусна и лесна за подготовка.