Кофеински дремки: Зошто тие се најдобриот метод за дополнителна енергија во текот на денот?

Кофеински дремки: Зошто тие се најдобриот метод за дополнителна енергија во текот на денот?

Зборовите „кафе“ и „дремка“ најчесто не се спомнуваат во една реченица, но една необична стратегија што ги спојува може да биде енергетската бомба што ја баравте за лудите денови. Едноставно напијте се една шолја кафе, а веднаш потоа дремнете. И покрај тоа што ова можеби ви изгледа контраинтуитивно, на кофеинот му се потребни барем 30-тина минути пред да почне да делува, па дремнувањето веднаш по неговото консумирање ќе ви овозможи дополнителна енергија, но исто така и ќе ги подобри вашите перформанси.

kofeinski-dremki-zoshto-tie-se-najdobriot-metod-za-dopolnitelna-energija-vo-tekot-na-denot-www.kafepauza.mk

Идеалната „кофеинска дремка“ трае 30 минути, што значи дека ќе се разбудите во истиот момент штом кофеинот почнува да делува. Резултатот – ќе се чувствувате одморено и стимулирано.

Постојат неколку помали студии што го поддржуваат овој концепт. Едно истражување објавено во 1997 година во журналот „Psychophysiology“, открило дека поспаните возрасни, кои комбинирале 200 милиграми кофеин и потоа дремнале, имале подобар перформанс за време на симулираните тестови за возење во споредба со оние што пиеле само кофеин или плацебо.

Друга студија објавена во „Clinical Neurophysiology“ во 2003 година, вклучувала десет млади возрасни распоредени во пет експериментални групи. Тие требало да направат различни видови интервенции за време на компјутерски задачи. Испитаниците од едната група преспале 20-тина минути, од другата испиле 200 милиграми кофеин пред дремката, од третата по дремката веднаш си ги измиле лицата, од четвртата биле изложени на силна светлина по будењето, а од петтата група само одмарале. Кој бил најефективниот метод за перформанс? Сигурно погодивте – кофеинот во комбинација со дремката.

Па, дали и вие треба да станете кофеински дремач? Да, дефинитивно вреди да се проба доколку веќе пиете кафе и вашиот распоред го дозволува тоа. Овие дремки исто така можат да ве спречат и да не пиете толку голема количина кафе во текот на денот, резултирајќи со побрзо заспивање и поквалитетен сон во текот на ноќта.

Исто така, обидете се да дремнете порано во текот на денот. Генералното правило е да го избегнувате кофеинот барем 6 часа пред легнување во кревет, за да не ве држи будни во текот на ноќта. И запомнете: Кофеинските дремки вклучуваат една шолја кафе, не цел бокал и 15-30 минути дремка, а не 2-часовен маратон.

Љубители сте на кафето? Можеби ќе ве интересираат и овие 8 неочекувани придобивки од секојдневното пиење кафе.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран психолог кој обожава да пишува. Автор на научно-фантастичната книга „На работ од времето“. Животно мото ѝ е дека не смее да помине ниту еден ден без кафе и танцување.

Поврзани содржини

Остави коментар