ТВ серија: Луѓе (Humans)
Што навистина значи да се биде човек?
Главни улоги: Ив-Џејн Вилис, Џема Чен, Том Гудман-Хил
Жанр: драма, научна фантастика
Креатори: Сем Винсент, Џонатан Брекли
Премиера: 14 јуни 2015
Број на сезони: 1
Времетраење: 42 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Со оглед на тоа колку брзо се развива технологијата, воопшто не е тешко да се замисли дека во иднина би можеле да имаме роботи кои наликуваат многу на своите креатори, луѓето, и кои би ни помагале во сите аспекти од нашиот живот. Токму тоа е и темата на оваа ТВ серија, која всушност е британска адаптација од популарната шведска серија „Real Humans“. Па, ако ви се допаднала таа, без сомнение ќе ви се допадне и оваа која се движи по истата основа.
Настаните се одвиваат во паралелна реалност, каде што Синтовите, чие име потекнува од „Synths“, односно „Synthetics“, што во буквален превод значи вештачки, се еден вид софистицирани роботи кои изгледаат, се однесуваат и зборуваат како луѓето. Нивната цел е да им го олеснат секојдневието на луѓето, така што ќе им помагаат со секојдневните домашни и работни обврски. И покрај тоа што мал број се против овие роботи слуги, поголемиот дел од нив ги прифаќаат во целост, па дури и ги сметаат за блиски пријатели.
Но, помеѓу овие роботи чие однесување е однапред програмирано, постои и мала група со свесност. Овие Синтови поради некоја причина можат да размислуваат сами за себе, но исто така можат и да чувствуваат. Всушност, единственото нешто по кое се разликуваат од вистинските луѓе се елементите од кои се составени. Токму поради својата уникатност, тие се секојдневно мета на група истражувачи кои сакаат да го прекинат нивното постоење. Оваа ТВ серија е една од оние кои ќе ве натераат да се запрашате и замислите што точно да значи да се биде човек, па токму тоа е и една од причините зошто нема да можете да престанете да ја гледате.