ТВ серија: Џесика Џоунс (Jessica Jones)
Поранешна суперхеројка започнува со својот живот од почеток така што станува приватен детектив
Главни улоги: Кристен Ритер, Рејчел Тејлор, Ека Дарвил
Жанр: акција, криминал, драма
Креатор: Мелиса Роузенберг
Премиера: 20 ноември 2015
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Џесика Џоунс, уште една суперхеројка од стриповите, е втората по ред ТВ серија која имаме можност да ја видиме од соработката помеѓу Марвел и Нетфликс. Доколку веќе сте имале можност да ја гледате Дердевил, тогаш веќе знаете дека станува збор за уште една темна и крвава серија, исполнета со многу насилство и интензивни сцени кои нема да им се допаднат на оние кои не се навикнати да гледаат ваков вид приказни.
Кристен Ритер ја има улогата на Џесика Џоунс, приватна детективка со многу темно минато. Таа има неколку дарби кои ја прават дел од елитната група херои, како на пример, супер сила, огромна издржливост и делумна способност за летање. Но, нејзината најголема дарба е решавањето мистерии и наоѓањето на темнината во луѓето. Бидејќи живее во Њујорк, градот кој никогаш не спие и во кој владеат измамници, убијци и зависници, таа многу лесно може да ја заврши својата работа.
Но, оваа ТВ серија е многу повеќе од борба против криминалот. Во неа има голем број детално разработени ликови со богата историја, па токму затоа и приказната е многу позастрашувачка на лично ниво. За разлика од другите суперхерои, Џесика Џоунс се бори против злоупотребата. Со секоја нова епизода вие откривате повеќе за нејзиното минато и за траумата која ја доживеала како и вината со која секојдневно се соочува. Токму поради тоа и оваа ТВ серија значително се издвојува од сите оние кои спаѓаат во овој жанр…