Тоа е еден вид смешна приказна (It’s Kind of a Funny Story)
Филм за тинејџерскиот притисок и за „сечењето вени“ поради лошите оценки, девојките, пријателите… и за моментот кога ќе запреш и ќе се завртиш околу себе. Некој тука можеби се бори за „малку од малку“ нормален живот.
Режија: Ана Боден, Рајан Флек
Улоги: Кеир Гилкрист, Зак Галифианакис и Ема Робертс
Времетраење: 101 минута
Јазик: англиски
Жанр: комедија, драма
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
————————————————————————————————————————————————
Средношколец си и твоите родители не ти купуваат патики какви што сакаш па мислиш дека секој пат кога се шеташ со старите чевли целото училиште ти се смее. Ти се допаѓа девојка или момче, но си добил „корпа“ и ти се чини како да си ја загубил љубовта на твојот живот додека повторно сите наоколу ти се смеат и те покажуваат со прст поради неуспехот. Кога си тинејџер во натпреварувачка атмосфера секој добиен „кец“ те вади од памет и те прави да мислиш дека нема да се запишеш на факултетот што го сакаш. Ако после пет-десет години се „свртиш“ на ситуациите од ваков тип, едноставно не можеш, а да не се изнасмееш. Сепак, во моментот кога ги преживуваш тие тинејџерски болки, никој не смее да ти каже дека си нерационален, дека претеруваш, дека мора да научиш да се избориш со притисокот. Вистината е дека тоа треба да го сфатиш сам. До сознанието дека не вреди да се кинат нерви за такви работи, најчесто доаѓаш заедно со годините. Но, понекогаш патот може да биде, благо кажано, необичен како оној во „Тоа е еден вид смешна приказна“.
————————————————————————————————————————————————