Млади во револт (Youth in Revolt)
Филм за младоста, љубовта и бунтувањето
Улоги: Мајкл Сера, Порша Даблдеј, Џин Смарт, Зак Галифианакис
Режисер: Мигел Артета
Жанр: комедија, драма, романса
Времетраење: 90 мин.
Премиера: 8 јануари 2010
Јазик: англиски, француски
Музика: Џон Свихарт
Наша оценка: 8/10
_________________________________________________________________________________
Со младоста оди храброста, а за љубовта како дел од животот, сме најхрабри да се бориме додека сме млади. Тогаш сме и најподготвени бесрамно и бесконечно да се обидуваме додека го добиеме она што го сакаме. „Млади во револт“ е тинејџерска приказна за едно момче со смотан изглед кое безнадежно се заљубува во прекрасна, самоуверена и слободоумна девојка. Очекуваното сценарио добива целосен пресврт и гледачот ќе остане пријатно изненаден од она што ќе го пресретне на екранот по првата третина од времетраењето на филмот. Шармантни улоги, некласичен развој на класично започната љубовна приказна и изоставување на клишеа го одликуваат овој исклучително освежувачки, младешки филм.
__________________________________________________________________________________
Приказна: Ник Твисп се заљубува во Шини додека е на одмор. Таа, најпрво задевајќи го и провоцирајќи го самоуверено, за кратко му ја возвраќа љубовта. Но, Ник мора да се врати дома, а Шини не е девојка која би го чекала по секоја цена. Затоа, тој ја открива својата бунтовна страна од која произлегува Франсоа, горделив, самоуверен младич со впечатлив имиџ. Последиците од ваквата промена, односно појавата на втората личност на Ник се непредвидливи, бунтовни, уништувачки и смешни.
.
Кинематографија: Сцените во филмот се пријатни и светли. Добро се балансирани драматичните, статични сцени со динамичните и ведри моменти, така што на овој филм не би можеле да задремете. Глумата на Мајкл Сера е фантастична. Она што тој го вади од себе за двете паралелни улоги – чувствително, неискусно и несигурно момче наспроти самоуверен, бунтовен и горделив младич – прави истовремено да се разнежиме, воодушевуваме и слатко да се изнасмееме.
.
Естел Твисп (мајката на Ник): „Ми требаат тие пари за издржување деца за да јадам.“
Ник Твисп: „Нели би требало да ти требаат тие пари за издржување деца за да го издржуваш детето?“
Кога и како да го гледате? Како и секоја комедија, и оваа оди одлично со друштво и пуканки, но со оглед на љубовната приказна, веројатно најдобар избор би ви бил вашиот партнер или некого кого сакате да го омекнете пред да преминете на акција. Филмот гледајте го навечер или во длабоките попладневни часови, во зависност од тоа колку опуштено се чувствувате со друштвото кое ќе го изберете за гледање.
.
Ник Твисп: „Сакам да ти го скокоткам папокот… однатре.“
Интересни податоци: Џастин Лонг, кој ја игра улогата на постариот брат на Шини во филмот, во реалниот живот бил во врска со нејзината вистинска постара сестра.
Слични филмови: „Земја на авантурите“, „Супер лошо“, „Џуно“
Глуп филм. Барем мене не ми се свиѓаше. :/
i mene, mnogu poveke ocekuvav…