Луди мажи (Mad Men)

Луди мажи (Mad Men)

ТВ серија за животот на луѓето во 60-тите години на XX век и брзите општествени промени

Луди мажи (Mad Men)Главни улоги: Џон Хем, Елизабет Мос, Џенуари Џоунс, Винсент Картејсер, Кристина Хендрикс, Џон Слатери

Жанр: драма

Премиера: 19 јули 2007

Број на сезони: 4

Петта сезона: 25 март 2012

Наша оценка: 9

Ваша оценка: 1 ѕвезда2 ѕвезди3 ѕвезди4 ѕвезди5 ѕвезди6 ѕвезди7 ѕвезди8 ѕвезди9 ѕвезди10 ѕвезди (16 гласа, просек: 8,00 од 10)
Loading...


Брзиот начин на живот и незапирливите технолошки промени како да направија да се чувствуваме изморени од времето во кое живееме. Можеби токму затоа ТВ серијата „Mad Men“ чие дејство се случува во 60-тите години на XX век, постигнува толку голем успех и популарност кај гледачите.

Пред само педесетина години, светот бил многу поинаков од она што е денес. Мажите морале да бидат успешни во кариерата за да носат дома пари, а од нивните сопруги се очекувало да бидат одлични домаќинки и мајки, а навечер страсни љубовџики. За разлика од денес, во овој период на жените им било особено важно да се омажат многу млади. За компјутери и паметни телефони тогаш не можело ни да се сонува, со оглед на фактот дека машината за куцање и телефонот со жица се сметале за врвна технологија.



Приказна: Дејството на „Mad Men“ се одвива во 60-тите години на минатиот век, во една од најпрестижните маркетинг агенции во Њујорк, „Стерлинг-Купер“, каде фокусот е ставен на најмистериозниот, но и екстремно талентираниот креативен директор Дон Дрејпер. Луди мажи (Mad Men)Тој е еден многу комплексен лик со мрачно минато, кое му создава психолошки бариери во сегашноста и го прави несигурен во љубовниот живот. Навидум среќно оженет со убавата и млада Бети со која има и мали дечиња и одлична кариера во маркетингот кој не е баш ценет во тие години, Доналд изгледа како да живее живот каков што би посакал секој маж. Луди мажи (Mad Men)Но, реалноста е сосема поинаква. Тој живе двоен живот. Гледано отстрана тој е строг шеф на работното место, кој знае како се води бизнис и како се прават пари, а навечер кога ќе се врати во својот топол дом, го пречекува неговата дама со вечера на масата, а по вечерата добива и страсни бакнежи под чаршафите. Но, таа не знае за неговото мистериозно минато, ниту дека тој ѝ е неверен.Луди мажи (Mad Men)Животот на луѓето од овој период се врти околу пет работи: бизнис, љубов, секс, цигари и алкохол. Сите пушат и пијат алкохол секаде и во секое време, дури и додека се на работа. Интересен белег на серијата е и начинот на кој се третирани жените во овој период. На мажите не им претставува проблем да ги изневеруваат нивните сопруги секогаш кога ќе ги привлече некоја друга, а воедно на сопругите не им дозволуваат ниту да погледнат во друг маж, а камоли да ги изневерат. Оние жени кои се вработени, не можат да поминат еден работен ден, без да се почувствуваат понижено од некој колега, кој безобразно флертува со нив, како да се подвижно „парче месо“.Луди мажи (Mad Men)Хомосексуалците се кријат зад своите сопруги, а на хетеросексуалните мажи не им е доволна ниту најзгодната сопруга на светот, па пронаоѓаат утеха во други „мачиња“, многу чашки жесток алкохол и многу кутии испушени цигари. За разлика од денес, во тој период се сметало дека жените не можат да работат високо интелектуална работа, бидејќи „интелигентните“ професии биле наменети само за мажите. Луди мажи (Mad Men)Во борбата против таквиот систем, можат да учествуваат само најхрабрите и најупорните жени, кои се свесни за сопствената моќ. Навидум, ова е машка серија, но преку ликовите Бети, Пеги и Џоун се прикажани почетоците на вториот бран феминистички движења, кога жените се бореле за рамноправност помеѓу нив и мажите.Луди мажи (Mad Men)Во текот на четирите досега снимени сезони многу односи помеѓу ликовите ќе станат комплицирани, но и многу тајни ќе бидат октриени. Дејството постојано се преместува од бизнис климата во светот на маркетингот, кон приватниот живот на главните ликови и нивните љубовни проблеми и психолошки немири. Луди мажи (Mad Men)Сигурно нема да ве остави рамнодушни ниту стилот на облекување кој постоел во ова време. Мажите изгледаат секси „стегнати“ во нивните одела, а жените блескаат во нивните раскошни фустани и специфични фризури. Луди мажи (Mad Men)Сѐ на сѐ, ова е една оригинална и секси ТВ серија, која ќе ве потсети дека светот бил многу поинакво место за живеење пред неколку децении, но и ќе ве натера да направите паралела на моралните и етичките вредности на кои не се водело сметка тогаш, како и на оние кои тогаш постоеле, а се заборавени денес.Луди мажи (Mad Men)Кога и како да ја гледате: Зависно од тоа која епизода ја гледате, серијата може повеќе да одговара за дневна или за ноќна шема. Тоа е така, бидејќи во некои епизоди акцентот е ставен на работењето на главните ликови во маркетинг агенцијата, а во други на љубовните сплетки, сексуални авантури и драми. Не ја гледајте пред спиење, бидејќи за да ја осетите страста на серијата ќе ви биде потребна енергија, но повеќе ќе уживате доколку сонцето е веќе зајдено, така што доцното попладне е идеалниот термин резервиран за „Луди мажи“.


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Љубопитна новинарка и маркетерка со истражувачки дух, која е во вечна потрага по доза креативност. Животно мото ѝ е дека без утринско кафе, испеана песна и барем малку возбуда, не треба да ѝ помине ниту еден ден. Неостварен сон - да го прошета светот.

Поврзани содржини

  1. M Reply

    Ќе ви замерам само, многу касно ја реценизрате серијава!
    Инаку супер сте ја окарактеризирале, секоја чест 🙂

  2. Ристо Reply

    Преводот на насловот е грешка. Тие што навистина ја имаат гледано серијата знаат дека станува збор за “Момците од Медисон улицата” (Sterling Cooper маркетинг агенцијата се наоѓа на Madison Avenue во New York, па затоа Mad Men)

    • Кафе пауза Reply

      Ристо, насловот на серијата претставува игра на зборови, поради што има простор за послободен превод. Гарантираме дека секоја рецензирана ТВ серија и филм е претходно гледана и анализирана од страна на нејзиниот автор. Нема ништо спорно во тоа дека „Mad Men“ се однесува на мажите вработени во маркетинг агенција која се наоѓа на авенијата Медисон, но тоа не ограничува и не исклучува поинаков превод.

      Во различни земји, серијата е официјално различно преведена. На многу ТВ канали и од многу преведувачи излегле „креативни“ наслови. Не треба веднаш да се сугерира дека се работи за грешка или за рецензија за нешто што не е гледано од страна на рецензентот. Едноставно, се работи за слобода во изразувањето. Насловот не случајно е двосмислен, па оттука и правото и слободата да се протолкува на начин на кој авторот ја доживува серијата.

Остави коментар