Филм: Зоотропола (Zootopia)
Зајче полицаец ќе мора да работи со лисица измамник со цел да откријат голем заговор
Режија: Бајрон Хауард, Ричард Мур
Улоги: Џенифер Гудвин, Џејсон Бејтмен, Идрис Елба
Времетраење: 108 минути
Премиера: 3 март 2016
Јазик: англиски
Жанр: анимација, акција, авантура
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Приказната за најновиот филм од Дизни не е нешто што досега не сме го виделе. На кратко, станува збор за зајче од село кое се преселува во голем град населен од животни од џунглата, со цел да успее во својата кариера. Но, тоа не значи дека е анимиран филм кој не е вреден за вашето време. Откако ќе почнете да го гледате, ќе сфатите дека Зоотропола е колоритен, креативен и шармантен филм кој изобилува со мудрост и интересни настани.
Со оглед на тоа што во последно време постои тренд во Холивуд да се става акцентот на женските главни улоги, хероината во овој филм е амбициозната Џуди Хопс (Џенифер Гудвин) која е првиот зајак кој станал дел од полицијата во Зоотропола. Оваа работа била нејзин сон уште откако знае за себе, па токму затоа и прави сè што е во нејзина моќ за да ги покаже своите квалитети. Дури и покрај тоа што другите животни во полициска униформа се противат на нејзиното присуство.
Кога 14 цицачи ширум градот ќе исчезнат, Џуди наместо да работи на овој голем случај, таа ќе биде испратена на сообраќајна должност. Но, благодарение на тоа ќе се запознае со една лисица криминалец, наречена Ник (Џејсон Бејтмен), која правела измами за пари долго време. Токму во Ник, Џуди ќе најде партнер кој несвесно ќе ѝ помогне да ги разбере законите во џунглата од цемент и заедно ќе разоткријат голем заговор кој изгледа како постојано да бега од очите на полицијата.