Филм: Мамурлак 3 (Hangover III)
Трет дел за заокружување на серијалот
Режија: Тод Филипс
Улоги: Бредли Купер, Зак Галифијанакис, Ед Хелмс, Кен Џионг
Времетраење: 100 минути
Јазик: англиски
Премиера: 23 мај 2013
Жанр: комедија
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Фановите на една од најдобрите комедии од последните неколку години очекуваа и трет дел од мамурливите авантури на Глутницата и го добија. Но, овој пат со помала доза мамурлак, затоа што членовите на Глутницата не му даваат шанса на Алан (Зак Галифијанакис) да ги издрогира и да ги однесе на патот кон авантура исполнета со погрешни одлуки и бројни опасности.Впрочем, тој веќе не се дружи со Фил, Стју и Даг. Во меѓувреме неговата психичка состојба се влошува, а тие се единствените кои можат да го убедат да прифати професионална помош. Алан се согласува, но на патот кон болницата сите заедно се киднапирани од Маршал (Џон Гудман), мафијаш кому Чау му должи многу пари и кој знае дека Алан е единствениот кој повремено контактирал со него. Затоа ќе го задржи Даг, а останатите ќе ги пушти за да го најдат Чау, кој пред некое време побегнал од затвор.Нова средба со Алан – нова опасна авантура во која пријателите влегуваат против своја волја. Но за жал, не толку смешна како претходните две. Авторите на филмот очигледно не сакале да се повторуваат со истата финта со мамурлакот, па се обиделе да бидат различни и непредвидливи, во што и успеале, но притоа направиле разлика и во дозата хумор. Филмот изгледа како да е создаден чисто да ја задоволи потребата од трет дел и заокружување на серијалот, без да се води многу грижа за тоа колку ќе им биде смешен на оние што го очекуваат.Третиот дел на „Мамурлак“ сепак е интересен, настаните кои се редат еден по друг честопати го изненадуваат гледачот, но нема изобилство од смешни ситуации како во претходните два дела. Хуморот се потпира главно на карактеристиките на веќе добро изградените ликови, така што веројатно ќе ве разочара ако очекувате уренебесна комедија. Ние ви го препорачуваме затоа што спаѓа во групата пристојни комедии, кои можат да го забавуваат гледачот во моментите кога сака да се опушти со лесен филм.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Prilicno glup film
ne beshe smeshen i4 zna4i